23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Покрај осудата за „Тенк“, на Јанкулоска и се суди и за нелегално прислушкување и изборни нерегуларности

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска беше првично осудена во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес на Никола Груевски, за што доби шест години затвор. Апелациониот суд Скопје делумно ја уважи нејзината жалба и ја преиначи првостепената пресуда во делот на одлуката за казната и обвинетата ја осуди на казна затвор во траење од четири години. Јанкулоска веќе нема никакви можности да го избегнува издржувањето на казната затвор од четири години.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е обвинета и во другите два најголеми случаи кои ги водеше поранешното СЈО: „Титаник“ и „Таргет-Тврдина“.

Рочиштето за судскиот предмет ,,Тврдина-Таргет” треба да продолжи на 22 септември. Обвинети во овој предмет за нелегално прислушување се Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи и други лица од УБК. Според обвинението за Таргет-Тврдина преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски следела 4.286 телефонски броеви без да бидат издадени судски наредби.

Предметот „Титаник“ е прв случај што го обелодени СЈО, а се однесува на десетина дела поврзани со изборни нерегуларности. Јанкулоска е обвинета заедно со други поранешни функционери меѓу кои и Никола Груевски, Мартин Протугер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески. Тие се обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.