25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заврши владината седница – Донесени повеќе одлуки поврзани со ковид 19 ситуацијата

Четврта седница на Владата: Вработените ослободени од работа според листата на хронични, со исклучок се оние со потврда од лекар-специјалист, сите родители на деца кои досега беа ослободени се враќаат на извршување на работните задачи од 23 септември; Престанува да важи мерката за продолжено породилното отсуство; Донесени препораки за организирање на настани; Осуден инцидентот со говор на омраза од навивачка група во Скопје, се дел од одлуките кои беа донесени од Владата.

Владата на Република Северна Македонија на денешната 4-та седница ги разгледа и усвои заклучоците на Главниот координативен кризен штаб донесувајќи соодветни одлуки и тоа:

– Вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести, односно, почнувајќи од 23 септември 2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на егзацербација (влошување) и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

– Вработените лица, кои се ослободени од работа врз основа на користење на продолжено породилно отсуство, почнувајќи од 23.9.2020 година (среда) да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека можноста за користење на оваа мерка за продолжено породилно отсуство престанува да важи. Останатите вработени лица кои во моментот се оправдано отсутни од работа поради користење на редовно породилно отсуство, истите да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство.

– Родителите чии деца се до шестгодишна возраст, почнувајќи од 23.9.2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, имајќи предвид дека детските градинки отпочнаа со активности за згрижување и воспитание на деца од 9.9.2020 година, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ.

– Родителите чии деца од шест до 10 годишна возраст се вклучени во воспитно – образовниот процес во училиште, почнувајќи од 23 септември 2020 година (среда), да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, без разлика на начинот (со физичко присуство или од далечина) на кој детето ќе ја следи наставата во училиштето, односно престанува користењето на мерката на Владата по овој основ.

Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да испрати писмено укажување до сите детски градинки да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние деца чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или одат на работа.

Воедно, беше препорачано Министерството за труд и социјална политика да укаже на детските градинки да стапат во контакт со родителите чии деца се запишани, а не се донесени за престој во детските градинки во овој период, за да може да се обезбеди престој и за други деца, доколку има место и за оние кои имаат потреба да ги згрижат децата иако работат од дома.

Министерството за труд и социјална политика, во соработка со единиците на локалната самоуправа и државните институции, да ги разгледаат можностите и доколку постои слободен неискористен простор истиот да се намени за згрижување на деца од оние детски градинки од подрачјето на општината каде што ќе биде потребно.

Владата на денешната седница го прифати Предлогот за изменување на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца и тоа: воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца и двајца вработени во смена.

Владата денеска ги разгледа и прифати општите препораки за организирање на настани кои беа предложени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и тоа: задолжително носењето на лична заштитна опрема на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, одржување на физичка дистанца на публиката на настанот со обележани места за седење, поставени на дистанца од 1,5-2 метри и не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката.

Задолжителното одржување на физичка дистанца од два метри се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација. Според препораките, ограничен е капацитетот на посетители и тоа: настаните на отворено да се организираат со 50 проценти од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители, а настаните на затворено да се организираат со 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители. Задолжителна дезинфекција на раце на влез на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација за целото времетраење на настанот, како и засилени санитарно-хигиенски мерки, редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 проценти натриум хипохлорит (5 проценти белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот или 70 проценти алкохол за дезинфекција за горните површини.

При организирањето на настаните потребно е поставување на јасно видливи места на едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки, носење заштитни маски, одржување на физичка дистанца, редовно/често дезинфицирање на рацете и правилна респираторна хигиена, Задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки: на влезот и во просторот каде се одржува настанот.

Се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетарница потребно е обележување на растојание односно место за чекање од 1,5 до 2 метри и исто растојание меѓу вработениот и посетителот или заштитна бариера.

Врз основа на горенаведените општи препораки секој организатор на настан потребно е да изготви протокол за реализација на планираниот настан кој ќе го објави јавно со цел навремено информирање на посетителите и учесниците во настанот за правилно следење на протоколот.

Со дадените препораки не се опфатени приватните веселби.

На денешната седница беше донесена одлука за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост и другите државни институции од извршната власт, а да се препорача на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, за 50 проценти да го намалат надоместот при склучување на договор за користење на објект или простор заради организирање и одржување на наменски културен, забавен или спортски настан во услови на пандемија и поради мерките и препораките наменети за „ивент“ индустријата при организирање на вакви настани.

На предлог на Министерството за финансии, Владата го разгледа и прифати Предлог-законот за заем во износ од 90 милиони евра од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка наменет за финансирање на Проектот за итно справување и спречување на последиците од КОВИД-19 во Северна Македонија, а бенефитите ќе ги почувствува целокупното население земајќи ја предвид природата на заболувањето, заразените лица, популацијата под ризик, особено старите лица и лицата со хронични болести, медицинскиот персонал, медицинските институции и институциите за тестирање како и јавните здравствени институции.

Денеска Владата ја разгледа и усвои и Предлог- програмата за изменување на Програмата за партиципација при користењето на здравствените граѓани и здравствената заштита на родилките и доенчињата во Северна Македонија за 2020 година, која се изготвува заради реализација на мерките и активностите предвидени во Програмата кои се обврска од Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување.

Целта на реализација на оваа програма е целосно спроведување на мерките и активностите заради заштита и чување на здравјето на родилките и доенчињата до едногодишна возраст, како и лицата без разлика на возраста кои се заболени од одредени специфични заболувања.

На предлог на Министерството за здравство беше разгледана и усвоена и Информацијата за Национална стратегија за дијабетес во Македонија 2020-2030, која ќе биде донесена со цел во периодот од десет години за кои се планирани стратешките цели и програмските задачи во оваа програма да се направи голем позитивен исчекор кој ќе послужи како основа за нови, долгорочни планови за натамошно уште поуспешно справување со дијабетесот.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потпишување на Договор по пат на размена на ноти/писма помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Јапонија за Јапонска грант програма за социо-економски развој за обезбедување на медицинска опрема и го усвои усогласениот текст на Договорот овластувајќи го заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во името на Владата на Република Северна Македонија да го потпише Договорот.

Владата го задолжи Министерството за здравство како институција корисник на грантот, да ги преземе сите потребни активности за реализација на Јапонската грант програма за социо-економски развој за обезбедување на медицинска опрема, согласно роковите.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со статистички податоци за кривични предмети од областа Корупција за 2019 година, при што беше задолжено Министерството за правда, во рамки на Работната група за преглед и ажурирање на методологијата за релевантен статистички систем за мониторинг на анти-корупциската политика, да продолжи да презема активности за редовно користење на Системот за собирање и обработка на статистички податоци за следење на предметите за случаите на корупција кои претставуваат значаен сегмент во градењето на анти-корупциската политика и следењето на нејзината ефективност.

Преземањето активности за развој на систем за следење на предметите за случаите на корупција и генерирање статистички извештаи за мониторинг на анти-корупциската политика е во согласност со Десетте принципи за унапредување на борбата против корупцијата во земјите кои пристапуваат, земјите кандидати за членки на Европската унија и други трети земји.

Статистичките податоци кои ги собира Министерството за правда се користат за ажурирање на материјалот со кој се известува Европската комисија и да послужат за натамошна анализа на состојбите со ефикасноста правосудните и другите органи во постапувањето по предметите за случаите на корупција.

Во Извештајот за напредокот на Република Македонија од 2016 година забележано е дека сѐ уште постои потреба да се воспостави уверлива евиденција и успешност во постапувањето по предмети за случаи на корупција, особено за случаи на корупција од висок профил, вклучително и евиденција на повратот на имот (мерки конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети). Во 2019 година забележан е добар напредок во областа Борба против корупцијата, и тоа со консолидирање на евиденцијата на истраги, обвиненијата и судења за случаи на корупција од висок профил и со измени во законодавството.

Според статистичките податоци, во 2019 година, ново-оформени биле вкупно 41 предмети за кривични дела од областа Корупција, во кој број се вклучени и предметите за случаи на корупција од висок профил.

Во 2019 година, во предмети за кривични дела од областа Корупција биле издадени 17 наредби за спроведувања истрага и доминира бројот на евидентирани предмети за случаи на корупција во јавни набавки. Истата година, евидентирани се вкупно 9 нови предмети за случаи на корупција од висок профил и сите тие во текот на 2019 година се статус „Во тек“. Истата година биле подигнати вкупно 10 обвинителни акти, а донесени се 10 пресуди, од кои една пресуда е ослободителна.

На денешната седница се дискутираше и за последниот инцидент со говор на омраза предизвикан од навивачка група на плоштадот „Македонија“ во Скопје, при што Владата донесе заклучок со кој најостро го осудува навивачкото поведение со кое се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа.

Владата на Република Северна Македонија беше информирана дека МВР презема соодветни активности за расчистување на делото, за што соодветно ќе ја информира јавноста.

Владата го повикува Јавното обвинителство проактивно да делува во рамките на своите надлежности и да постапи за вчерашниот случај на говор на омраза на Плоштадот.

Владата апелира до сите навивачки групи и до сите граѓани да се воздржат од упатување пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини, што е казниво согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и согласно Кривичниот законик.