25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Манчевски до ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните ве поразија, не сакаат веќе да слушаат за конфликти и поделби, три години програма не видоа од вас

„Овие избори беа предвреме одржани поради барањето на опозицијата, поради тоа што државата не доби зелено светло за почеток на преговори со ЕУ, а претседателот на СДСМ Зоран Заев и тогашен премиер инсистираше да се оди на избори, затоа што е најкоректно и најдемократски, додека за тоа време, опозицијата се радуваше.“ – посочи потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски од собраниската говорница, навраќајќи се на причините за одржување на последните избори.

Тој истакна дека во меѓувреме поради одложување на изборите заради корона кризата, пристигна и членството на НАТО и зеленото светло за почеток на преговорите  во ЕУ.

Манчевски посочи дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ изгуби три избори по ред . Како и дека целата реторика и  кампања им беше националистичка, без став и со тенденција на враќање на државата наназад кон лаги и омраза, нешто што граѓаните го препознаа и го покажаа и на последните избори преку нивната слободна волја и давањето на својот глас.

Манчевски обраќајќи им се на ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница им посочи дека никако да сфатат дека се поразени од граѓаните, дека тие веќе не сакаат да слушаат за конфликти и поделби, како и дека три години програма од ВМРО – ДПМНЕ, граѓаните немаат видено. 

Денес имаме членство во НАТО, наскоро и отворање на поглавјата за евроинтеграција, имаме раст на плати, на пензии, бројни мерки и политики, додека ВМРО –ДПМНЕ губи на избори.

Тој истакна дека следните години економијата и правдате се приоритетните области на кои посветено ќе се работи.  

30 години чекавме нешто да се случи, државата да се придвижи напред и денес конечно горливите теми се зад нас. Денес, може да зборуваме за многу бројки. Нашето ветување парите назад кај граѓаните се случува. Зарем во време на криза не требаше да понудиме помош на граѓаните, на стопанството, на државата. – рече Манчевски обраќајќи им се на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

За време на ВМРО-ДПМНЕ земјава беше 93 места подолу на листите на Фридом хаус и Репортери без граници.

„Денес, го враќаме рејтингот. Денес луѓето не се плашат што ќе кажат. Граѓаните не сакаат лажни вести, не сакаат да слушаат за поделби, туку сакаат да слушнат за што се залагаме.“ – заврши Манчевски.