„Навистина успеавме да оствариме вековни соништа на нашите предци, ние сме сега центарот на Европа, имаме парче земја призната од целиот свет, исто како и јазикот и идентитетот. 30 години ниту еден политичар немаше мудрост и храброст да донесе одлука, да повлече потег. Дојдов јас, Зоран Заев од струмичко Муртино, и повлеков потег. Цели генерации се уништија за да можат политичарите да останат на власт, да имаат пари и моќ. Денес, нашата држава е призната од цел свет, впишана во архивите на ООН, а таму пишува Македонци, пишува македонски јазик. Кога зборував на македонски јазик во Европскиот парламент и кога изустив дека ми е драго што можам да зборувам на нашиот македонски јазик, цел парламент аплаудираше и потврди дека нашиот јазик постои. И сега тие се патриоти, а ние не сме? Оние кои го слават Тодор Александров, тие се патриоти? Оние кои го негираат Блаже Коневски се патриоти? Ним во кодот им е да бидат криминалци, од историјата со шверцот на опиум до денес. Ние не сме патриоти што седиме до светските лидери и држиме говори еден по друг, не сме патриоти што го дигнавме нашето знаме пред седиштето на НАТО? Ова е патриотизам и можат само да учат. Ние го остваруваме тоа што три децении само се зборува и се ветува, и сега кога е исполнето, ние не сме патриоти? – говореше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од предизборната трибина во Кавадарци осврнувајќи се на различното поимање на патриотизмот од страна на СДСМ и она на ВМРО ДПМНЕ.
Воедно тој ги повика граѓаните на 15 јули да излезат и да ги изберат вистинските патриоти, оние кои и мислат добро на државата и оние кои и ја градат европската иднина.