23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Притвор за двајцата скопјани кои киднапираа Италијанка

Судот им определи притвор од осум дена на двајцата скопјани кои киднапираа Италијанка. Тие се осомничени за кривично дело противправно лишување од слобода.

Според информациите од охридското обвинителство, осомничените, на возраст од 19 и 20 години, кривичното дело го сториле на 3 јули.

Првоосомничениот кој имал привремен престој во Италија, во државава пристигнал заедно со Италијанката, со намера да ја убеди таа да склучи брак со второосомничениот, негов роднина од Скопје, за да може и тој да замине во Италија. Откако пристигнале, осомничените ја заклучиле оштетената во стан во Охрид и заминале.

Настанот бил пријавен од амбасадата на Република Италија, по што осомничените биле пронајдени и приведени.

Јавен обвинител до Основниот суд Охрид достави предлог за определување на мерката притвор за двајцата осомничени, поради постоење опасност од бегство и можност осомничените да го повторат кривичното дело. Судот го прифати предлогот и на осомничените им е определен притвор во траење од по осум дена.