25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Стојаноска: ВМРО-ДПМНЕ ќе ја намали невработеноста под 10%, а Тетово ќе добие Универзитетска клиничка болница

Дафина Стојаноска, носител во Изборната единица 6 од ВМРО-ДПМНЕ денеска беше во посета на Јегуновце од каде што истакна дека изминативе три години заради владеењето на СДСМ и Зоран Заев граѓаните се понижени, ограбени и осиромашени, а во Македонија владее сурова реалност исполнета со криминал од страна на власта.

„Животот никогаш не ни бил потежок како сега. Затоа изборот не бил појасен како сега. Никој не може да ни го наметне правото на избор. Верувам дека мојот народ ќе го направи вистинскиот избор, дека ќе им заврти грб на лажливите политичари кои правдата ја испорачуваат во торби полни со пари, кои многу ветуваат а ништо не прават“, изјави Стојаноска

Таа потенцираше дека граѓаните на овие избори одлучуваат дали сите ќе живееме еднакви или тоа повторно ќе биде привилегија на, како што кажа, криминогените елити со Зоран Заев.

„На овие избори одлучуваме дали ќе имаме образование кое ќе ги уништи државата и народот наспроти образование кое од нашите деца ќе создаде квалитетни лекари правници лидери. На овие избори одлучуваме дали здравјето е привилегија наспроти одлуката дека секој живот вреди. Дали сакаме да живееме во заробена држава или во држава која е слободна и гради своја иднина“, додаде Стојаноска.

Таа кажа дека на 15 јули народот во Македонија ќе расчисти со Зоран Заев, а потоа ќе започне обновата на Македонија, обнова во која платите ќе бидат поголеми за 25%, невработеноста ќе падне под 10%, земјоделците ќе добијат 640 милиони субвенции и загарантиран откуп, пензионерите повисоки пензии за 20%, природен гас до секој дом, а Тетово ќе добие универзитетска клиничка болница.