10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

И по две години Мицкоски нема став за Преспанскиот договор

Во деновите кога се одбележуваат две години од потпишувањето на Преспанскиот договор со кој Северна Македонија и Грција го надминаа деценискиот спор околу името на нашата држава, ВМРО ДПМНЕ и натаму нема конкретен став во однос на Договорот од Преспа.

Очекувано е дека Христијан Мицкоски ќе го користи овој документ во изборната кампања, а со сигурност ќе тврди како тој договор ја загорзува државата, идентитетот на народот и македонскиот јазик. До неодамна, а извесно е дека и така ќе продолжи, Мицкоски го негираше договорот, односно ги уверуваше граѓаните дека кога ќе дојде на власт ќе го ревидира, ќе го поништи и што ли уште не. Таквата негова неизбежна реторика ќе продолжи и следните седмици, до изборите.

Но, пред што замижува Мицкоски? Како и секогаш, пред вистината. Прво, со Договорот од Преспа воопшто не се загрозуваат македонскиот јазик и македонскиот идентитет, затоа што граѓаните и понатаму се Македонци, а идентитетот и јазикот се македонски. Но, Мицкоски го премолчува ова, односно изнесува невистини кога тврди дека некој нам ни загрозил нешто. Но, тоа му е неопходно кога игра на националистичка карта за придобивање гласови.

Понатаму, Договорот од Преспа не може да се поништи и тоа Мицкоски би требало да го знае и да престане да манипулира со јавноста и да глуми единствен заштитник на македонскиот народ и држава. И на крај, најконтрадикторно во ставовите на ВМРО ДПМНЕ е тоа што тие три децении наводно се залагаат за влез на државата во ЕУ и НАТО, но никогаш ништо не презеле за да го направат тоа. Нивните декларативни заложби меѓународно ја изолираа државата, и сега кога единствен влез таму ни е договорот со Грција, Мицкоски ту го поништува, ту го ревидира, ту го признава?

Од една страна како може ВМРО ДПМНЕ да сака државата да биде членка на НАТО и на ЕУ, а од друга да биде против Преспанскиот договор кога цела светска јавност знае дека во тој документ се крие иднината на државата. Тој договор ни помогна да станеме членка на НАТО и ни го одреди датумот за преговори со ЕУ. Оттаму е сосема нејасно и нелогично да тврдите дека сте за европските интеграции на државата, а да го игнорирате договорот, оти едното без другото не оди.

Променливите ставови на ВРМО ДПМНЕ во однос на стратешките прашања за државата ја потеницираат нивната неодговорност, несериозност и негрижа за иднината на државата и на младите генерации. И во изминатите неколку месеци, во време кога државата минува низ пандемија со корона вирусот, Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ многу пати изнесуваа неконзистентни ставови, согласно дневно – политичките потреби. Генерално, тоа стана препознатлив стил на политичко однесување на Мицкоски и неговиот тим, со лажни вести и пропаганда да ги протуркаат личните и партиските интереси, но никогаш државните.