Сега е потребно единство и дисциплина во почитувањето на мерките, ќе успееме да го совладаме коронавирусот, велат од СДСМ.
„Со цел да се обезбеди брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот, Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести, одлучи во текот на продолжениот викенд да воведе одредени рестриктивни мерки со различен интензитет во различни делови од државата. Ваквите мерки се неопходни за да се спречи ширењето на коронавирусот и да се заштити здравјето на граѓаните. Вирусот Ковид-19 е реална појава и затоа никој не смее да ја игнорира оваа закана, бидејќи на тој начин ја загрозува личната и колективната здравствена состојба. Вирусот е присутен и опасен и само со почитувањето на мерките ќе успееме“, пишува во соопштението.
„Покажавме дека имаме добра стратегија, ефикасните мерки дадоа резултати, но само заедно со граѓаните и со доследно и постојано почитување на мерките за заштита можеме да успееме. Имавме одлични резултати, здравствениот систем е подготвен, имаме целосно стабилни општини, а најдобар пример за тоа е општина Дебар. Затоа, секој мора да ги почитува сите мерки, во целост. Тие се основна алатка за намалување на ширењето на заразата. Онаму каде што има добри резултати, тоа е така затоа што се почитуваат мерките и препораките на здравствените власти. Секој мора да носи маска, да се дезинфицира редовно, да држи дистанца од 2 метра и да нема групирање. А овој викенд, сите да останеме дома, со своите семејства. Издржавме и потешки моменти, заедно ќе го поминеме и овој“, велат од СДСМ.
Партијата упати поддршка до сите здравствени работници кои се столбот во овие клучни моменти, но и до сите граѓани кои ги почитуваат мерките и се грижат за личното и јавното здравје.