„Светската банка кажува дека повеќе верува на системот, отколку на опозицијата, и тоа е реткост. Ако не сме воспоставиле систем тогаш сме погрешиле, па затоа сега ВМРО ДПМНЕ, која не воспоставила систем, не верува како ќе се распоредат парите. Не е возможно да се направи злоупотреба на парите од кредитот, особено кога знаете дека некој ве гледа под лупа. Оваа влада покажа дека има висок праг на транспаретност на јавните трошења и ќе може да се види до денар каде се трошат овие пари, имаме инсталирани алатки за следење на трошењето на парите и затоа е неодоговрно да се тврди дека немаме доволно информации. Секој функционер кога го добива мандатот ги добива и должностите и обврската да ги има информациите, но како и да е не смееме да бидеме предмет на повикување од СБ.“- изјави економскиот владин советник, Фатмир Битиќи на телевизија Алсат одговарајќи на прашање во врска со тоа што заменичката министерка за финансии од редовите на ВМРО ДПМНЕ не сака да го потпише кредитот од Светска банка во износ од 90 милиони долари, наменет за здравството, социјалата и економијата.
Тој уште еднаш увери дека отчетното работење на владата нема да си дозволи манипулација со парите, а уште помалку дека тие пари ќе можат да се користат за поткуп на гласачи.
„Не треба да стравува ниту еден граѓанин како ќе се трошат средствата. Неодговорно е да слушате од заменичка министерка вакви тврдења за злоупотреба. Ние сме отчетни и транспарентни, ја имаме „Отворени финансии“, страница на која во секое време можете да ги проверите сите трансакции од државната каса, имате точно со име и презиме, со име на компанија, и се се знае каде одат парите. Тоа е начин за транспарентност. Ние треба да видиме дали има механизми за контрола, и ако има механизми, а има, тогаш мораме да продолжиме понатаму. Еве ако немаме, јас и заменичката министерка да седнеме и да го направиме тој механизам, но ви тврдам дека го имаме. Имаме и други тела, како Антикорупциска комисија, Јавно обвинителество, ако ние имаме намера да ги злоупотребиме средствата и тие може да реагираат.“- заклучи Битиќи.