10.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ на ТВ 24: Самитот во Загреб ја потврди поврзаноста на ЕУ со Западен Балкан

„Самитот на ЕУ во Загреб не може да е разочарување и уназадување за нас, нема издвоена држава во заклучоците, за и ние да бараме да сме посебно споменати. Ова е самит на две години, заклучоците се широки и со многу теми и нема простор за споменување на ниедна држава и затоа тоа не треба ни да го очекуваме“- одговори Бојан Маричиќ, меѓународниот секретар на СДСМ и Национален кооринатор за евроинтеграции на прашањето на ТВ 24 околу заклучоците на самитот.

Маричиќ објасни дека самитот бил посветен на три работи, но не и на проширувањето затоа што уште во март ЕУ даде дозвола за старт на преговорите на Северна Македонија и на Албанија и затоа во Загреб во фокусот биле други теми.

„Прво, самитот беше потврда дека сите држави сме заедно во борбата против криминалот и корупцијата. Мора да сме задоволни дека 27 лидери се собраа заедно со со цел на Западен Балкан да му дадат отворена поддршка. Второ, ЕУ останува посветена на Балканот, а Балканот на ЕУ и трето, дека ЕУ ќе даде сериозен економски пакет на неколку нивоа за заздравување на економиите. Има 160 милиони евра за нас од тој фонд, а ќе има и други видови помош за нас. Сите до еден што зборуваа на самитот ја споменаа Северна Македонија дека ќе започне преговори“- објасни Маричиќ, кој беше учесник на видео самитот на ЕУ во Загреб.

Тој направи проценка дека со извештајот на ЕУ во јуни Северна Македонија ќе добие временска рамка за преговори, која после неколку месечна анализа ќе биде потврдена и очекувано е дека есента ќе биде потврдена за потоа да започнат и официјалните преговори.