11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИС

Со „здравствен пасош“ ќе се оди на одмор во Грција

„Здравствен пасош“ е една од методологиите за безбеден влез во земјата, што би можела да се воведе за време на туристичката сезона за патување во Грција, односно туристите да се тестираат за ковид-19 пред да влезат во авион, во нивните матични земји, според Министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис.

Во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, Теохарис рече дека една од методологиите е да се прават тестови на оние кои што доаѓаат, а за да го објасни процесот го употреби терминот „здравствен пасош“, што во пракса би значело турист од Германија да се тестира во Германија за ковид-19 пред да пристигне во Грција.

Меѓутоа, министерот за туризам истакна дека потребно е, а и лично тој притиска Европската унија и Европската комисија, да постои заеднички европски разговор и договор за некој вид на протоколи.

– Ако се согласиме сите, тогаш може тестовите да бидат при влезот, пристигнувајќи на аеродромите и така да имаме многу подобра методологија и помалку проблеми – рече Министерот за туризам на Грција, но истакна дека секако ова е сложено бидејќи „едно е на аеродромите, друго на копнените граници, друго на пристаништата, но во секој случај треба да се најдат реални начин на функционирање.“

Според надлежниот министер, целта на Грција е да се отворат „портите за влез во земјата“, бидејќи како што објасни, туризмот е важен дел од економијата и додаде дека почетно, се фокусираат на јули, август и септември, а долгорочно и на септември и октомври.

Објасни дека постои интерес од странство, повеќе нема откажувања на аранжмани, а тие како Министерство се во континуиран контакт со големите тур оператори за да се наполнат големите хотели.

– Она што очекуваат тур операторите е да се договориме околу здравствените процедури, кои ќе бидат тие, за да можеме да создадеме доверба кај гостите, кај посетителите, од една страна, а од друга страна да соопштиме јасен временски период, за кој сме во разговори и со Националната организација за јавно здравје за кога ќе започне соопштувањето на конкретниот временски рок, да можеме да одредиме и конкретен датум за отворање на сезонските хотели – објасни Теохарис.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, на денешниот редовен брифинг со новинарите, рече дека туризмот е „едно многу сложено прашање“, за кое е потребно да се најде решение за низа аспекти, како што е на пример транспортот и додаде дека и за оваа тема, како и за останатите што се дел од владиниот план за постепено враќање во нормала, следната седмица, грчкиот Премиер Кирјакос Мицотакис ќе ги информира граѓаните.

Спонзорирано: