ИНТЕГРАЛЕН ТЕКСТ ОД ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА
Говорник: Александра Николовска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
Кога зборуваме за јавното здравство мора да зборуваме и за луѓето кои се неговиот најважен столб.
Лекарите, медицинските сестри, специјалистите и сите здравствени работници.
Затоа владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презема конкретни чекори за решавање на еден од најголемите проблеми со кои се соочува здравствениот систем, недостигот на медицински кадар.
Владата донесе одлука да го откочи процесот и да овозможи вработување на преостанатите 300 приватни специјализанти до крајот на 2026 година. Со ова се заокружува предвидената бројка од 600 приватни специјализанти од кои првите 300 веќе се вработени.
Приоритет ќе имаат општите и хируршките болници надвор од Скопје, како и дефицитарните медицински профили.
Тоа значи дека ќе го јакнеме здравствениот систем таму каде што има најголема потреба. Процесот ќе продолжи преку обновување на повикот и изразување интерес од кандидатите кои останаа надвор од првиот бран на вработување. И ова е сериозна поддршка за младите лекари. Но уште поважно ова е инвестиција во иднината на македонското здравство.
Граѓаните од Штип, Тетово, Кичево и другите градови и региони мора да имаат пристап до специјалистичка здравствена услуга во своето место, а не да бидат принудени за секој преглед или интервенција да патуваат во Скопје.
Со вработувањето на овие специјализанти им даваме перспектива на младите лекари, но истовремено обезбедуваме и посилни јавни здравствени установи низ целата држава.
Паралелно со решавање на кадровскиот дефицит обезбедивме и раст на платите на здравствените работници и соработници во јавните здравствени установи.
Овој раст е резултат на договорите што Владата ги потпиша со репрезентативните синдикати и е предвиден како долгорочен процес. Само во 2024 година средствата за плати во здравството се зголемија за 10% додека за 2025 година беше предвидено дополнително зголемување од 5% а за тековната 2026 година од 5 до 7%.
Средствата за плати во здравството за следната 2027 година предвидено е да се зголемат за уште 5 до 7% додека за 2028 година од 7 до 10%. Тоа значи дека во периодот опфатен со договорите растот на платите во здравството ќе надмине 40%.
Особено внимание посветуваме на медицинските сестри и средниот медицински персонал кои секојдневно се на првата линија во грижата за пациентите кои на крајот од 2024 година добија нето покачување од 3850 денари.
Нашите здравствени работници заслужуваат подобри услови за работа, повисоки плати и сигурна професионална перспектива, затоа што здравствените работници се инвестиција во здравјето на секој граѓанин. Со конкретни мерки, чекор по чекор Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ гради здравствен систем со повеќе лекари, повеќе специјалисти, подобро платени здравствени работници и поквалитетна здравствена услуга.


