24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Кадрите на ВМРО-ДПМНЕ да поднесат оставки од своите позиции во советите на АВМУ и НТВ, потребна е департизација и професионализација

Прес-конференција, Снежана Калеска -Ванчева, координаторка на Форум на Жени на СДСМ, ја пренесуваме интегрално:

Република Северна Македонија и оваа година бележи напредок кај слобода на медиумите во извештајот на Репортери без граници.

Во споредба со минатата година напредокот на нашата земја е за три позиции. Додека пак во споредба со времето на ВМРО-ДПМНЕ, во 2016 година, имаме подобрување од 19 места.

Во 2016 година се шепотеше, сега гласно се зборува.

Спроведените реформи, демократското владеење, почитувањето на човековите права и слободи, придонесоа за напредок на нашата држава во однос на слободата на медиумите.

Секако дека има уште предизвици и треба да се продолжи со реформите и со постојано унапредување на медиумските слободи.

Репортери без граници во своите извештаи како проблем редовно го издвојуваат работењето на Националниот јавен сервис, кој според Извештајот на оваа организација, се уште е под контрола и во функција на ВМРО-ДПМНЕ.

Критика за работата и потреба од подобрување на независноста на јавниот сервис беше нотирана и во извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја.

ВМРО-ДПМНЕ, со месеци свесно го кочеше изборот на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и изборот на членови на Програмскиот совет на МРТ.

ВМРО-ДПМНЕ е последниот кочничар на медиумските реформи и последен столб на остатоците од груевизмот.

Ги повикуваме кадрите на ВМРО-ДПМНЕ веднаш да дадат неотповикливи оставки од своите позиции како членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ и да се отворат вратите за нивна целосна професионализација.

Потребно да се изврши избор согласно новите законски одредби, што ќе значи департизирање и професионализирање и на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ.

Професионализацијата на Агенцијата и МРТ е од особено значење за реформата на медиумите и унапредување на демократските вредности во државата. Реформите мора да продолжат во интерес и на државата, на граѓаните, но и на медиумите.