7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Реакција од Општина Ѓорче Петров: Лага е тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека 10.000 евра наместо за набавка на средства за дезинфекција се алоцираат за јадење и пиење

И додека целиот свет е во невидена војна во обид да се справи со Ковид-19, единствено ВМРО-ДПМНЕ води ниска политичка кампања. Прес-конференции за кои единствено аплауз добиваат од присутните во „Белата палата“, реагираат од општина Ѓорче Петров на прес-конференцијата на Бојан Стојаноски, претседател на ОК Ѓорче Петров-ВМРО-ДПМНЕ.

-Точно е дека за расипничко делување и луксузирање во општина Ѓорче Петров најповикан да зборува е Бојан Стојаноски. Но, на своите јавни настапи тој треба да им објасни на граѓаните на Ѓорче Петров како во 2017 година, дури тој бил советник, само за една вечер потрошиле 10.000 евра за јадење и пиење. Како за последните осум месеци од својот мандат тој и неговите сопартијци дигнале рака во Советот на општина Ѓорче Петров и дозволиле да се потрошат 30.000 евра за луксузни вечери, ресторани, скапи вина, музика, по теркот на матичната партија.

Точно е и дека има дупки во општинскиот буџет, но и за тоа најдобро можат да објаснат Стојаноски и неговите сопартијци. Како за без пари едногласно му подарија дел од паркот на „Трансмет“, а за возврат граѓаните добија долг кој треба да го враќаат уште години.

Општина Ѓорче Петров ги објавува огласите за јавни набавки согласно Планот за јавни набавки. Донесена е одлука за избор на најповолна понуда за набавка на угостителски услуги на 19.03.2020 година. Но, истовремено нејзината реализација е ставена во мирување согласно заклучокот на Кризниот штаб на општина Ѓорче Петров, да се запрат сите непродуктивни трошоци и договорите за таквите трошоци да се стават во мирување поради вонредната состојба.
Тотална лага е дека 10.000 евра во моментов наместо за набавка на средства за дезинфекција се алоцираат за јадење и пиење.
Повторно е фатен во лага кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, кој единствено со манипулација и замајување на јавноста мисли дека ќе седне во собраниското столче.

Дванаесетгодишната сапуница на интриги, крадење и злоупотреба на народот е одамна одгледана серија и прочитано сценарио на ВМРО-ДПМНЕ.
Општина Ѓорче Петров е целосно посветена на справувањето со пандемијата од Ковид-19. Наместо ситно политичко профитерство, локалната самоуправа безрезервно со сите свои расположливи ресурси стои на располагање на граѓаните .
Приоритет ни се граѓаните и нивното здравје, а битката на политичкиот терен со факти и аргументи ја оставаме за подобри времиња, се вели во реакцијата.