Банките деновиве излегоа со информација дека ќе ги замрзнат кредитите на граѓаните за шестмесечен период, откако Владата донесе уредба со која им овозможи полесно да може да ги преформулираат договорите за кредити со граѓаните.
Иако речиси сите банки одлучија да го овозможат грејс периодот од 6 месеци, тоа не значи дека за тој период нема да ви се засметува камата, иако според она што е познато во јанвоста Владата даде препорака за тримесечно замрзнување односно одложување на кредите.
Откако до редакцијата на Centar.mk денеска стигнаа огромен број на реакции од страна на граѓани, се обидовме детално да ги разгледаме соопштенијата на Банките, и таму се вели:
„За цело времетраење на грејс периодот, банката ќе пресметува камата предвидена со договорот. по истек на предвидениот грејс период каматата пресметана во грејс периодот ќе се додаде на кредитното салдо и рамномерно ќе се распореди за наплата.“ – се вели во соопштението што го лиферуваше КБ.
– Редовната камата која ќе биде пресметана за одложениот период ќе биде доспеана на крајот на грејс периодот и истата ќе биде договорно регулирана, се вели во информацијата на ХАЛК БАНКА која е објавена на веб страниците.
Граѓаните се револтирани и на социјалните мрежи веќе масовно коментираат дека во овој случај банките се добитници со плус шест месеци камата, која во идниот период ќе им биде наплатена.
Некои велат дека тоа е во ред, но тоа треба да биде јасно предочено до обичниот граѓанин, со оглед дека многумина од корисниците на кредити со кои разговаравме беа убедени дека овие 6 месеци кредитите ќе им бидат одложени, а за тој период мислеа дека нема да треба да плаќаат камати.
Пластичен пример што значи доколку прифатите да ви се засметува камата во грејс периодот:
На пример Вашата месечна рата во целост изнесува 100 евра, од кои 89 евра се главница, а 11 евра камата.
За шест месеци вие нема да платите ништо, но вашиот долг ќе се зголеми за шестмесечната сума за камата.
Па така ако требало да сте плаќале 11 евра/месечно за камата, вашиот долг ќе се зголеми за 11 евра х 6 месеци односно 66 евра, кои ќе мора да ги вратите како последна рата или банката ќе ви ги распредели во месечната рата во иднина.*
*оваа пресметка покажува само како пластично објаснување, секоја банка си има своја тарифа и различни договори со различни клиенти, па така висината на каматата кај секој граѓанин којшто има активен кредит е различна.
Засега е непознат ставот на Владата по ова прашање. Centar.mk ќе се обиде да го добие, по што ќе информираме дополнително.
Спасовски до банките: Очекувам да помогнат, ако не – има следен чекор, не може да работи кој како ќе му текне
Околу одлуките на банките за пролонгирање на ратите, премиерот објасни дека банките ги одложуваат кредитите и тоа за граѓаните од три до шест месеци, а за фирмите од три месеци па до година и повеќе.
Им порача на банките дека Владата нема да ги остави да работат кој како сака, и очекува од нив да ги испочитуваат мерките, а ако не, има следен чекор.
„Ние сме во постојана комуникација со НБМ и банките, и сите тие треба да бидат дел од решенијата во овој момент. Тие сите носат одлуки на управни одбори за оваа мерка. Јас очекувам дека сите банки ќе го испочитуваат она што е договорено, ако не го испочитуваат, има следен чекор. Владата нема да остави секој да си работи како ќе му текне во оваа прилика, туку така како што е договорено и да помогне во кризата“, беше дециден Спасовски.