24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

НБРМ: Денарот е и ќе остане стабилен

Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво, велат од НБРМ.

„Во повеќе наврати истакнавме дека располагаме со низа инструменти со коишто гарантираме дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен. Потсетуваме дека девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година“, информираат од НБРМ.

Оттука укажуваат дека единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е курсната листа што тие ја објавуваат на веб-страницата –www.nbrm.mk. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. На курсната листа којашто е во важност и во моментов, средниот курс на еврото во денари изнесува 61,69 денари.

„Имајќи предвид дека во некои медиуми и на социјалните мрежи има објави во коишто се коментираат девизни курсеви на онлајн-платформи, би сакале да укажеме дека овие онлајн-платформи не се релевантен извор за следење на вредноста на денарот. Објавите на овие онлајн-платформи не произлегуваат од реално тргување со валути“, велат од НБРМ.

Народната банка оценува дека граѓаните треба да бидат спокојни и гарантираат дека денарот е и ќе остане стабилен.