22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Стево Пендаровски: Предмалку ја потпишав одлуката за вонредна состојба

Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба.

Откако претходно собрнаието го известило дека не може да се свика.

Интегрално го пренесуваме говорот:

Сакам да ја информирам македонската јавност дека предмалку ја потпишав Одлуката за прогласување на вонредна состојба на територијата на целата држава. Денес попладне Владата упати барање до Собранието кое, според Уставот е прво надлежно за прогласување на вонредна состојба, но, Претседателот на Собранието веднаш го препрати тој акт до мене, тврдејќи дека не може да го свика Собранието да расправа за тоа прашање. Мојата одлука се базира врз членот 125 од нашиот Устав, кој пропишува ваква можност доколку Собранието, од различни причини, не може да се состане.
Конкретно, одлуката за прогласување на вонредна состојба ја донесов заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот КОВИД – 19. Вонредната состојба ќе трае 30 дена и оној момент кога Собранието ќе биде во можност да се состане ќе му биде поднесена на потврдување. Пред истекот на овие 30 дена очекувам Владата да ми поднесе детален извештај за ефектите од дотогаш преземените мерки и образложен предлог за потребата од евентуално продолжување на вонредната состојба за дополнителни 30 денови.

Почитувани,

Фактот што за прв пат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба укажува колку е сложена ситуацијата во која се наоѓаме и колку е голем ризикот за сите нас. Од денес извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси на државата – потенцирам, сите и државни и приватни за поуспешно да се справиме со епидемијата. Во вонредна состојба Владата ќе може да носи уредби со законска сила, со цел, да воведе поголеми ограничувања во движењето на луѓето, и, особено да обезбеди поголеми средства за поддршка на економијата која влегува во исклучително кризен период. Епидемијата значително ги оптовари ресурсите на државата и веќе во овој момент, штетите за фирмите кои не работат се огромни. Тука Владата мора да понуди значителна помош и поддршка.

Почитувани,

Како држава и како граѓани не очекуваат тешки денови, но јас како Претседател немам никакви дилеми во исправноста на одлуките кои ги носам. Очекувам дека и Владата која што во претстојниот период ќе ја има најголемата одговорност, ќе биде на висина на задачата и на искушенијата кои ги носи актуелниот политички и историски момент. Со оглед на зголемените овластувања, очекувам Владата, надлежните министерства, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и сите инволвирани институции дневно да информираат за сите активности кои ги преземаат, како и за ажурираните планови за свое постапување во иднина. Посебно сакам да нагласам дека лидерите на најголемите политички партии и на власт и во опозиција, даваат поддршка за прогласување на вонредна состојба.

Владата ќе продолжи да функционира како техничка, што значи дека во неа ќе продолжат да даваат свој значаен придонес и претставниците на опозицијата.
Тоа е можност на дело да покажеме дека кога станува збор за ваква опасност без преседан за нашата држава и нашите граѓани, сите политички партии ќе работат заеднички за заштита на здравјето на луѓето и нема да се грижат за својот политички рејтинг. Во оваа ситуација, ќе мора да бидат одложени изборите закажани за 12 април, а парламентарните избори да бидат закажани дури кога ќе се создадат услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Сите анализи, дебати и калкулации за добивање на гласови или за пратенички мандати сега треба да ги оставиме на страна, затоа што се безвредни во однос на најскапоценото – заштитата на животот на нашите граѓани.

Почитувани сограѓани,

Во деновите пред нас, бидете дисциплинирани и одговорни пред себе си, пред своите најблиски, особено бидете одговорни и помагајте им на нашите повозрасни граѓани и граѓаните со хронични заболувања. Не излегувајте од дома без позначајна потреба. Следете ги информациите од надлежните органи и институции и доследно почитувајте ги нивните препораки. Во оваа прилика, сакам посебно да им се заблагодарам на сите ангажирани здравствени работници, полицајци, војници и волонтери, кои изминативе недели вложуваат навистина натчовечки напори да им помогнат на граѓаните погодени од болеста.

Имам порака и за сите наши државјани кои престојуваат надвор од земјава. Најпаметно е да останете во земјата во која сте, додека трае оваа состојба согласно препораките на Светската здравствена организација. Доколку, сепак, решите да се вратите дома, добредојдени сте, но, при тоа, треба да знаете дека мора да ги почитувате сите мерки пропишани од надлежните институции, а тоа значи и можноста да бидете сместени во карантин.

Апелирам до сите граѓани на нашата заедничка и единствена татковина, да бидеме смирени, да бидеме одговорни и да бидеме солидарни еден кон друг.

Ако си помагаме, ако се држиме заедно, сигурно ќе ја пребродиме и оваа тешка ситуација, како многу пати до сега во нашата историја!