19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Манчевски: Во следниот мандат обезбедуваме ред, правда и дисциплина во сите институции, администрацијата ја намалуваме за 20%

Прес- конференција, Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ – интегралент текст

 

СДСМ во наредниот мандат обезбедува ред и дисциплина во сите институции!

Тие што во име на граѓаните водат институции, мора да се отчетни, транспарентни и чесни.

Во нашата администрација работат одлични професионалци. Но, има и многумина кои сметаат дека немаат обврски ниту одговорност кон граѓаните и државата.

Структурата на институците и нивната поставеност е далеку од оптимална и создава бесконечни лавиринти. Наместо да ги штитат правата на граѓаните и да ја помагаат економијата, стануваат нивни кочничари.

Затоа во новиот мандат фокусот ќе ни биде ова да го промениме, со промени во струкурата, квалитетот и големината на администрацијата.

Ја намалуваме администрацијата за 20%. Во администрацијата ќе работат тие што се подготвени да им служат на граѓаните и уште годинава започнуваме целосна реорганизација на јавниот сектор.

Појдовни точки за тоа се јасно дефинирање на надлежностите на сите нивоа во администрацијата. Од министерот или директорот да не зависи се. Имаме нов концепт за средниот менаџмент, со јасни критериуми за назначување и разрешување, односно нема да има повеќе раководители до пензија!

За вработените во администрацијата се предвидени повисоки плати, но како награда за резултат, како и унифицирање на платите за иста работа. Тие носат индивидуална одговорност, но ќе бидат оценувани како тим.

Ги укинуваме патните трошоци за пратениците во Собранието. Системот на патни трошоци покажа можност за злоупотреби и затоа ќе го промениме од корен.

Воведуваме законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во извршната, локалната и судската власт.

Ќе донесеме измени во Кривичниот законик со кои ќе се заостри казнената политика за дела поврзани за носители на функции. Ќе ги намалиме привилегиите на јавните функционери, а со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

Ги елиминираме дискреционите права на функционерите. Ја зголемивме транспарентноста и отчетноста на првите луѓе и сега тоа го подигнуваме на повисоко ниво – отчетност пред јавноста за реализирање на програмата за работа и финансиски отчет за потрошениот буџет на институцијата.

Институциите и раководителите кои се транспарентни, покажуваат дека немаат што да кријат. Затоа ги „отворивме“ податоците на државните институции.

Корупцијата е непријател на граѓаните и на институциите. За сузбивање е потребна заедничка борба, затоа предвидуваме награди за граѓаните чии пријави за корупција ќе резултираат со наоди и отворање случаи и електронско следење на предметите што произлегуваат од претставки за корупција.

Ја зголемуваме контролата на приходите на нотарите и извршителите, бидејќи сме сведоци на нереално високи приходи на мали групи нотари и извршители.

Драстично го намалуваме рокот за застареност за присилно извршување од 10 на 2 години. Каматите на долговите од комуналните и сродни дејности нема да можат да го надминат двојниот износ на главното побарување.

Гласот на граѓаните мора да се слуша!

Секоја државна институција ќе воведе отворен ден за граѓаните, најмалку четирипати годишно, за предлози, идеи и критики.

Секоја служба односно институција, ќе биде задолжена во рок од три дена да одговори на секое барање или прашање на граѓаните.

Предвидуваме казна за неодговорено, а основано барање.

Администрацијата мора да им служи, а не да им биде товар на граѓаните и затоа воведуваме електронски петиции.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија знае како да создаде ефикасна јавна администрација за сите граѓани и сите деловни компании.

Ние Можеме – уште повеќе, уште подобро!

Спонзорирано: