Два нови случаи на коронавирусот се регистрирани во државава, објави Министерството за здравство (МЗ).
Како што информираат оттаму во попладневните часови тестирани се двајца нови пациенти, а резултатите се позитивни на вирусот.
„Според информацијата која ја имаме во моментов, станува збор за сопружници од Дебар, кои пред неколку дена се вратиле од Италија“, соопштија од МЗ.
Инаку вчера од ресорното министерство соопштија дека единствената пациентка за која резултатите се покажаа како позитивни на вирусот на 26 февруари се опоравува.
„Тестот на пациентката е негативен на корона вирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, истиот ќе биде повторен по 48 часа“, соопштија вчера од министерството.
Во меѓувреме владата одлучи да ја продолжи препораката за откажување на поголеми јавни собири до 13 март.