Со ратификувањето на северноатлантскиот протокол остварена е тридецениска стратешка заложба за интеграција во најмоќниот воено-безбедносен сојуз – нашата држава рамноправен партнер со останатите 29 земји членки. Ова го изјави пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец.
Како што рече, НАТО значи трајно обезбедување на сигурноста и стабилноста, на границите и на нашиот воздушен простор.
„За само 2,5 години како парламентарно мнозинство и како власт покажавме дека можеме да ги решаваме децениските отворени прашање, но и да ја поставиме државата цврсто на патот кон ЕУ и НАТО. Членството во НАТО не носи само безбедност, стабилност и сигурност. Тоа носи и повеќе странски инвестиции, пристап до нови пазари, нови работни места и повеќе пари кај граѓаните. Доказ за тоа се и бројни позитивни економски податоци. Само со поканата за членство во НАТО и процесот на ратификации на протоколот за пристапување економијата се придвижи, платите растат а невработеноста опаѓа“, изјави Локвенец.
Додаде дека ова немало да биде возможно без да биде постигнат Договорот со Грција, доколку не беа решени децениските отворени прашања со соседите, или без посветеност на реформите.
Сепак во овој процес, додаде Локвенец, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе останат запаметени како кочничари на процесот за пристапување кон НАТО и процесот за интеграција кон ЕУ.
„Не успееја обидите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ја закочат интеграцијата во НАТО, не успеаја обидите да ја блокираат иднината. Тоа се потврди и вчера кога само Мицкоски и неколку негови послушници не аплаудираа на ратификацијата со која се заокружува членството во НАТО“, заклучи пратеникот.