18.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Спасовски ја посети зоната Визбегово: Владата продолжува со вложувањата во инфраструктурата

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, ја посети индустриската зона Визбегово, каде што во тек се работите за изградба на канализациската мрежа.

При увидот во градежните активности беше истакнато дека, иако државата се наоѓа во изборен процес, Владата функционира во полн капацитет и непречено се одвива реализацијата на планираните инфраструктурни проекти во зоната.

Премиерот Спасовски нагласи дека во тек се и завршните работи на водоводната мрежа.

„Владата на Република Северна Македонија, покрај сите активности во делот на интеграциите во НАТО и Европската Унија, посветено работи и на динамиката во сферата на економијата, а токму овој проект е еден од најзначајните за оваа зона. Градбата на водоводната и канализациската мрежа се основа за нормално функционирање и натамошен развој на зоната. Владата посветено ќе продолжи да ги развива дијалогот и партнерството со стопанството и граѓаните и да ги решава сите отворени прашања“, истакна премиерот Спасовски.

Преку овие проекти, со кои трајно се решаваат инфраструктурните потреби, премиерот Спасовски посочи дека Владата направи пресврт и ги стави приоритетите на бизнис-заедницата и на граѓаните на прво место.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, потврди дека изградбата на водоводната и канализациската мрежа се одвива според зацртаната динамика и дека ќе заврши во предвидените рокови.

„Сметам дека со спроведувањето на овие два проекта во општина Бутел во целост ќе бидат исполнети ветувањата кон компаниите и граѓаните во Визбегово. Сакам да потенцирам дека тука не запираме и набргу во општина Бутел ќе почне изградба на социјална зграда“, информира министерот Сугарески.

Градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, се заблагодари за поддршката на Владата во решавањето на инфраструктурните прашања.