23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Филипче: Ниту еден пациент со малигна болест не плаќа партиципација ниту за лекување ниту за контролните прегледи

Сега во нашата држава нема ниту еден пациент што чека за лек против малигна болест. Имаме 30 нови – најсовремени терапии и сите лекови се оригинални со сертификат. Во сферата на ракот на дојката имаме двојно читање на мамографските слики, што значајно го намалува ризикот од грешна интерпретација. Во сферата на ракот на грлото на матката имаме најсовремена четиривалентна вакцина за која сè повеќе млади девојки покажуваат интерес да се вакцинираат, изјави министерот Филипче.

Тој потенцира дека целокупниот дел на партиципација го покрива државата.

„Целокупниот дел на партиципација го покрива државата. Ниту еден пациент што има малигна болест, не само за процесот на лекување туку и за контролните прегледи, сега не плаќа партиципација. Од страната на Фондот за здравствено осигурување се дадоа бесплатни ортопедски помагала – градник и нараквица за пациентките што се оперирани од рак на дојката“, рече министерот Филипче.

На Клиниката за хематологија има нови методи за лекување малигна болест на крвта за што досега пациентите беа праќани во странство и плаќаа огромни суми средства.

„Сметам дека значајно напредуваме во овој сегмент во нашето здравство, во делот, како што кажав, и на дијагностика и на третман на рано откривање, она што сега следува во делот на примарното здравство е потенцирање на сите активности и механизми што ги имаат матичните лекари. Да укажат на важноста, да ја подигнат свеста кај населението за важноста на раното откривање на одредени малигни болести по извршувањето скрининг, особено на овие дијагнози, заради тоа што постојат малигни дијагнози во кои раното откривање може да значи целосно излекување. Апелирам до граѓаните, до населението, редовно да се појавуваат на скрининзите за карцином на дојката, на цервиксот на грлото на матката, а мажите за карцином на простатата“, истакна министерот Филипче.

Претседателката на здружението „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева, информира дека Светскиот ден за борба против ракот се одбележува уште од 2000 година, со една цел – да се здружат владините, институциите и невладиниот сектор во подигнувањето на свеста за превенција за рана дијагноза, современ и навремен третман на луѓето што се заболени.

„Денеска го одбележуваме Светскиот ден за борба против ракот. Навистина е огромна чест што ве имаме вас како медиуми бидејќи во текот на овие 13 години вие бевте онаа алка што ни служеше и која ни помагаше во сите оние активности што ги правиме – и јавната свест и информациите да стигнат до оние што им се најмногу потребни. Затоа, и денеска настанот е посветен на медиумите и на важноста од нашата соработка. Инаку, би сакала да потенцирам дека овој ден се одбележува уште од 2000 година и целта ни е заедно, значи да се здружат сите сили од владите, институциите, невладиниот сектор, сè со цел да се подигне свесноста за превенција за рана дијагноза, современ и навремен третман на луѓето што се заболени, кои се детектирани од било какви малигни заболувања“, изјави претседателката Додева.