24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

СДСМ: Зголемени пензиите на 324.000 пензионери за 722 денари

Обезбедивме 324.000 пензионери од почетокот на 2020. година да добијат покачување на пензиите за 722 денари, велат од СДСМ преку соопштение.

Од партијата најавуваат дека до крајот на годината пензиите ќе пораснат до 900 денари, и ќе се зголемуваат заедно со растот на економијата, покачувањето на минималната и на просечната плата.

„Сега просечната пензија изнесува 15.500 денари и е зголемена за 1.746 денари, во однос на 2016 година кога беше 13.754 денари.

Зголемувањето на пензиите не се финансира со задолжувања, како што тоа паушално го правеше претходната власт, туку е резултат на домаќинското работење на СДСМ и спроведувањето на пензиската реформа.

СДСМ успеа да го стабилизира пензискиот систем и да го намали дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 3 милијарди денари. Истовремено приходите во фондот се зголемени за 10 проценти.

СДСМ се грижи за сите граѓани, и го враќа достоинството на луѓето кои ја градеа оваа држава и го трасираа патот за младите.

По 12 април продолжуваме со реализација на мерките што обезбедуваат економски раст, подобрување на животниот стандард и повеќе пари во семејните буџети“, велат од СДСМ во соопштението.