22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заврши владината седница: Паднаа важни одлуки

На денешната седница Владата донесе решение за формирање на Централна Комисија за следење на спроведувањето и имплементирањето на еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за потребите на домаќинствата во општините Битола, Кичево, Тетово и на Градот Скопје, а кои користат енергетски неефикасни уреди за греење во нивните домаќинства кои влијаат на зголемување на концентрација на РМ10 и РМ2.5.

Владата ги задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање, Канцеларијата на Заменик претседателката задолжена за економски прашања, Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација, кои се во функција на исполнување на оваа мерка, да именуваат по еден член и негов заменик и истото го препорача и до АД Електрани на Северна Македонија.

Во комисијата рамноправни членови се и по еден претставник од граѓанските организации Движење за околината Молика – ДОМ Битола, Еколошко здружение – Движење Еко Герила Тетово, и од Македонската платформа против сиромаштија – МППС, и сите тие се задолжени за постојана контрола и мониторинг на целиот процес на имплементација на оваа мерка.

На оваа седница Владата го усвои Извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот УНЕСКО – Светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Во извештајот до УНЕСКО се констатира дека Северна Македонија останува цврсто посветена на зачувување на статусот на Светско наследство за Природното и културно наследство во Охридскиот регион, и се истакнуваат заложбите со кои значително се интензивираа активности за спроведување на Одлуката на Комитетот за светско наследство, за исполнување на препораките на Реактивната мониторинг мисија, како и продлабочувањето на билатералната соработка со Република Албанија во насока на заедничко управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.

Во текот на извештајниот период е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) и е спроведена и Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Земјата исто така изработи инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион со што се остварени предусловите да се премине на изработка на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и Оценка на влијание на културното наследство (ХИА).

Дополнително, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за што се обезбедени преку 4 милиони евра средства од државниот буџет за изведување на работите, и продолжен е проектот за пренасочување на течението на Реката Сатеска.

Од седницата на Владата денес произлезе и заклучокот со кој Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се задолжува да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга, и да провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење, и да достави за сето тоа информација до Владата на Северна Македонија до наредната седница.

Владата ја разгледа и усвои информацијата и ја одобри тендерската документација за првата фаза од постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Република Северна Македонија.
Во врска со оваа постапка за дистрибутивниот систем за гас, Владата го прифати текстот на Договорот помеѓу Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување на консултантски услуги во врска со Договорот за концесија за дистрибуција на природен гас и го овласти Министерот за економија, Крешник Бектеши да го потпише договорот со ЕБОР.

Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати текстот на Програмата на економски реформи 2020-2022 година, и ја задолжи Министерката за финансии да ја достави Програмата на економски реформи до Европската комисија до 31-ви јануари 2020 година.
Програмата е во согласност со Стратегијата на ЕУ за брз, одржлив и сеопфатен економски развој „Европа 2020“, како и Стратегијата за Југоисточна Европа – ЈИЕ 2020 на Советот за регионална соработка наречена „Работни места и просперитет во европската перспектива“ која одблиску ја следи визијата на Стратегијата „Европа 2020“.
На денешната седница Владата го разгледа и прифати барањето за итна изградба на поликлиника во Општина Бутел, врз основа на позитивното мислење на Министерството за здравство со оглед дека во планираната фискална 2020 година за оваа намена се предвидени средства во Буџетот на Република Северна Македонија.
Како дел од оваа точка Владата донесе заклучок да ѝ препорача на Општина Бутел да го донесе деталниот урбанистички план, а потоа врз основа на издаден Извод од план за градежна парцела на која се планира изградбата на Поликлиниката Бутел да се утврдат и дефинираат програмските барања за изработка на Основен проект за изградба на Поликлиниката Бутел.

Владата денеска даде согласност на Програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2020 година.

Годишната програма за инвестиции во културата за 2020 година, содржи 12 проектни активности кои ќе се реализираат од страна на Министерството за култура и Националните установи од областа на културата кои се носители на активностите. Со Програмата се предвидуваат активности за продолжување со изведување на градежни работи за изградба на објект за театарот во Струмица, изградба на театар и библиотека во Тетово, и завршување на работите во театарот во Велес. Се предвидува почеток со реконструкција на објекти на национални установи за кои претходно беше обезбедена проектна документација како прва фаза од реконструкција во објектите на НУ ЦК „АСНОМ“ во Гостивар, НУ ЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово – зграда театар. Со програмата ќе се започне и со активности за обезбедување на проектна документација за реконструкција на објектите НУ „Музеј на Македонија“, Национална галерија објект „Мала станица“, НУ ЦК „Антон Панов“ Струмица, НУ ЦК „Марко Цепенков“ за потребите на театарот и адаптација на простор во галерија во објектот на НУ ЦК „Кочо Рацин“ Кичево. Исто така со програмата се предвидува и реконструкција на кровот на објектот на спомен домот на разловечкото востание во с. Разловци, Делчево.

Финансиските средства потребни за реализација на активностите од Годишната програма за инвестиции во културата се предвидени во Буџетот на Министерството за култура за 2020 година во износ од 209.500.000,00 денари.

На денешната седница Владата даде согласност на предлогот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) нејзините членки да учествуваат во отпишување на долгот на Сомалија, откако оваа земја ја надмина долготрајната граѓанска војна и политичката криза и прави напори повторно да ја изгради економијата и покрај тешките околности со кои се соочуваат.
Со согласноста да учествува во овој процес, Владата на Северна Македонија, заедно со донаторската заедница и меѓународните институции, ги отстапува своите средства во покривањето на долгот на Сомалија во висина од 138.000 долари за да испрати позитивен сигнал кон меѓународната заедница дека нашата земја има волја и е способна да се справи со меѓународните обврски, како и со обврските кои се наметнуваат со членството во меѓународните финансиски институции.

Владата на Република Северна Македонија даде согласност за преземање на обврски во програмите опфатени во развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во 2020 година и наредната 2021 година на Агенцијата за млади и спорт за изградбата на 10 баскет игралишта во општините Карпош, Кисела Вода, Аеродром, Куманово, Крива Паланка, Штип, Прилеп, Охрид, Чаир и Дебар, во вкупна вредност од 32.000.000,00 денари.

На денешната седница Владата го утврди текстот на Предлог – законот за заштита на личните податоци во кој, освен што се врши усогласување со регулативата на ЕУ за ова прашање, се воведуваат нови решенија во однос на обработката на личните податоци од кои позначајни се начелото на отчетност и одговорност и тоа како на ниво на контролор/обработувач така и на ниво на држава, потоа дополнителни обврски за контролорите, односно обработувачите, за воспоставување на институтите приватност при дизајнирање на информациски системи кои обработуваат лични податоци и проценка на влијанието на предвидените процеси на обработка во однос на заштитата на личните податоци.