Драматично повлекување на водата на Преспанското Езеро од неколку метра е забележано овие недели, а за овој феномен сведочат островчињата на самиот брег, пишува ресенскиот медиум Prespasky.com.
https://www.facebook.com/prespasky/videos/2547243075519716/
Преспанското Езеро со години се повлекува, а езерската вода, според истражувањата преку подземни канали под планината Галичица се влива во Охридското Езеро.
Една од причините за ваквото повлекување е повеќемесечната суша која го има зафатено регионот.
Езерото во последните 30-тина години драматично се повлекло во однос на 80-тите и 90-тите години во минатиот век. Сепак феноменот на повлекување е се’ позабележителен последниве години, а деновиве сме сведоци на уште поголемо повлекување, за што институциите треба да реагираат.
Преспанското Езеро е едно од најубавите природни Езера во Европа и се простира во Преспанската котлина, на уникатна локација меѓу два национални парка Галичица и Пелистер на надморска висина од 853 метри. Природните убавини од двете планини му даваат особена автентичност и уникатност на овој дел од земјава. Преспанското Езеро се простира меѓу три држави, од кои најголемиот дел го има Македонија, а потоа Грција и Албанија.