2019 година беше доказ за успешна година на полето на капитални проекти кои беа реализирани од страна на Министерството за транспорт и врски, изјави на денешната прес конференција, Благој Бочварски од СДСМ.
„Реализацијата на капиталните инвестиции достигна високи 86 отсто. Или по сектори
1. Гасификација 94%
2. Железница 82%
3. Комунална инфраструктура 63%
4. Социјални станови 100%
Реализацијата на капиталните проекти директно влијае на економијата, поттикнувајќи економски раст и директно решавање на најважните суштински и егзистенционални потреби и проблеми на граѓаните кои 11 години беа игнорирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2020 продолжуваме по прав пат и реализација на капитални проекти.
Еден од најзначајните проекти што влегува во имплементација оваа година е проектот за поврзување на локални патишта, односно изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри.
Проектот предвидува, инвестиции во рехабилитација на локални патишта и улици во 80 општини низ државата, вклучувајќи ги и општините во Градот Скопје, што подразбира дека Министерството за транспорт и врски, односно Владата директно ќе им помага на општините во подобрување на локалната патна мрежа преку рехабилитација на улици и патишта во сите општини.
Ќе се имплементираат и дополнителни мали проекти кои овозможуваат подобрување на безбедноста, на мобилноста и превозот на пример: градежни работи за изгрaдба на потпорни ѕидови, мали свлечишта, пропусти за прифаќање на поројни води и други објекти по должината на патната мрежа со кои ќе се санираат небезбедни и ризични места. Понатаму изградба на пешачки патеки, велосипедски патеки, урбана опрема, автобуски стојалишта, подобрување на кривини и раскрсници, воведување школски автобуси, зависно од потребите на општините.
Вкупната вредност на овој проект изнесува 70 милиони евра средства кои се обезбедени од Светска Банка, а секоја општина според утврдена методологија одобрена од Светска банка на располагање ќе има одредена висина на средства и секоја општина ќе добие од 500 илјади евра до 2 милиони евра.
СДСМ продолжува интензивно да работи во интерес на граѓаните. Се гради како никогаш досега и ќе продолжиме во таа насока.
Продолжуваме со уште посилен интензитет на градежни активности насекаде низ државата, а со тоа очекуваме побрз раст на економијата во државата.
Комисијата за транспорт и врски на партијата работи на комплетирање на новата програма на СДСМ за претстојните парламентарни избори преку која најавуваме продолжување на силната динамика за изградба на инфраструктурата во државата.“ – изјави Бочварски.