22. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сочувство од Пендаровски за смртта на академик Ѓорѓи Филиповски

Претседателот Стево Пендаровски, по повод смртта на академик Ѓорѓи Филиповски, упати писмо со сочувство до семејството Филиповски и до претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити.

„Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на академик Ѓорѓи Филиповски. Како Претседател на Република Северна Македонија, во името на македонските граѓани и во мое лично име, ве молам да ги примите изразите на најдлабоко сочувство.

Како еден од тројцата основачи на МАНУ, академик Филиповски придонесе за создавање на врвната академска институција во која повеќе од пет децении се обмислува научниот, културниот и уметничкиот развој на нашата држава. Низ годините, МАНУ прерасна во вистински генератор за развој на науката и научната дејност во Република Северна Македонија, промотор на македонската уметност и култура, но и мост за поврзување со европската и светска наука и уметност. Академик Филиповски стана препознатлив како јавно ангажиран интелектуалец кој отворено и објективно зборува за предизвиците со кои се соочува не само македонската наука, туку и македонското општество. Со сето она што го направи на научен и општествен план тој не задолжи сите нас, да продолжиме да го вложуваме најдоброто од нас, независно од околностите и годините.

Нека почива во мир“, наведува Пендаровски во писмото.