24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Одбележана 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

Кинотеката синоќа свечено ја одбележа 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, најуспешниот и најзначаен игран филм во македонската кинематографија, со промоција на мапа со репродукции на постерите од светската дистрибуција на филмот и со проекција на филмот.

Мапата содржи репродукции на постерите за „Пред дождот“ од 30-ина земји и е издание на Кинотеката, кое ќе биде достапно во нејзината книжарница. За мапата зборуваше филмската критичарка Марина Костова, која соработуваше на овој проект на Кинотеката. Таа е авторка на книгата „Дожд – светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“ и на монографијата „Манчевски“.

Костова зборуваше за речиси 10-годишниот процес на архивирање на одгласите во светскиот печат за „Пред дождот“ што следеа по освојувањето на Златниот лав во 1994, кога филмот играше во кината на 60-ина земји и на уште толку фестивали во светот проследено со илјадници текстови и објави во медиумите.

„Од оваа перспектива, тоа беше повеќе од архивирање и документирање на успехот на еден филм. Тоа прерасна во архивирање и документирање на етаблирањето на една млада земја на светската мапа, проследено со громогласниот аплауз што ‘Пред дождот’ го доби во светот“, рече Костова.

На оваа неформална филмска вечер посветена на филмските гурмани беше присутен и актерот Раде Шербеџија, кој го игра главниот лик во филмот, како и дел од останатата екипа на „Пред дождот“ Петар Мирчевски, Мето Јовановски, Александар Микиќ, Нино Леви, Сузана Киранџиска…

„Во тоа време ‘Пред дождот’ за мене беше спас. Јас тогаш живеев во Лондон и кога се запознавме, по кастингот кога ја добив улогата, Милчо ми рече дека ја пишувал баш за мене. Го прашав како за мене кога не ме ни познава. Ми рече дека уште од дете ги гледал сите мои филмови и дека Живојин Павловиќ е неговиот најомилен режисер. Таа интима, тоа што го има во неговите филмови е таму оти тој ги создавал тие дела уште од дете, тоа го прави голем автор. И сите тие големи режисери и глумци, од Стенли Кјубрик до другите големи со кои потоа работев, сите ми имаат кажано дека ‘Пред дождот’ е еден од најдобрите филмови што го виделе. Сакам да му кажам фала на Милчо што бев дел од неговиот сон“, рече Шербеџија.

Милчо Манчевски раскажа анегдота кога по премиерата на фестивалот во Венеција во 1994 организаторот му кажал да биде во близина оти можеби ќе треба да се врати. Тој заминал за Лондон. „Едно утро ми се јави една жена од фестивалот и ми рече дека треба да се вратам во Венеција зашто ќе добијам награда. Ја прашав – добра? Ми рече – мислам дека ќе ти се допадне. Ме праша под кое име ќе дојдеш во Венеција, оти не може под твоето за да не дознаат новинарите дека си тука и да објават пред фестивалот дека си добил награда. Ми текна на името Васко, по еден братучед кој неодамна беше починал. А презиме – ме праша таа. Е не знам презиме, ѝ реков. Ме праша може ли Гонзалга. Ѝ реков може. И така кога дојдов во Венеција на аеродромот ме чекаше човек со табла на која пишуваше Васко Гонзалга. До почетокот на церемонијата за награди не знаев дека сум добил Златен лав. Тоа е една приказна за името и идентитетите“, рече Манчевски.

Вчера на пладне во Македонската академија на науките и уметностите и во организација на Кинотеката на Република Северна Македонија, а со поддршка на „Вардар филм“, беа исто така одбележани 25 години од премиерата на „Пред дождот“.