Centar.mk
СВЕТ

(Видео) Шефот на полската дипломатија вели дека НАТО брзо би ја поразил Русија: стигна бурна реакција

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски предизвика бурни реакции со изјавата дека, во случај на руски напад, НАТО би ја поразил Русија „прилично брзо“. Сикорски ова го изјави вчера во Киев, за време на заедничката прес-конференција со неговиот украински колега Андриј Сибиха, пренесува Ukranews.

„Ако Русија нè нападне, брзо би ја поразиле“

„Ако Русија нè нападне и ако ги отфрлиме сите ограничувања, мислам дека би ги поразиле прилично брзо. Имаме огромна воздушна надмоќ над Русија“, рече Сикорски, додавајќи дека на Алијансата би ѝ биле потребни шест недели за да ги уништи половина од капацитетите на Русија за преработка на нафта – задача за која на Украинците им требаа шест месеци.

Иако изјавата првично во некои медиуми беше протолкувана како говор исклучиво за силата на Полска, подоцна беше појаснето дека Сикорски мислел на потенцијален конфликт меѓу Русија и целата алијанса НАТО.

Анализирајќи го односот на силите, полскиот министер истакна дека Алијансата, дури и без Соединетите Држави, располага со околу 2.500 авиони, што претставува „огромна предност“. За споредба, самата Полска поседува меѓу 75 и 80 борбени авиони, додека Русија има околу 300.

Остра реакција од Москва

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, остро реагираше на изјавата, нарекувајќи ја „перење на мозокот преку русофобија“, пренесува RBC-Ukraine.

Захарова тврдеше дека полскиот министер зборувал за брза победа на Полска над Русија, реагирајќи на верзија од изјавата што ја ширеа руските пропагандни медиуми, а која била извадена од контекст./Извор:Makfax