Викендов, во периодот од 23 до 04 часот наутро од страна на скопската полиција, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд беа преземeни мерки и активности за контрола во седум угостителски објекти во Скопје.
Како што информираат од МВР, при контролите биле приведени 10 лица: 42-годишник од Скопје поради утврдување на идентитет, 32-годишник поради омаловажување на полицаец при вршење службени дејства, скопјанец кој во локал дошол со боксирач и седум малолетници поради присуство во ресторан надвор од законски дозволениот период, односно по 24 часот.
Во еден локал биле пронајдени кесички со марихуана, кесичка со тврда материја во бела боја и таблети, а и во службените простории од објектот исто така биле пронајдени марихуана и прашкаста материја, за што по целосно документирање ќе се поднесат и соодветни поднесоци.
Од страна на Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд констатирани се повеќе неправилности во работењето на пет угостителски објекти и тоа: нерегуларности во дневен промет, нерегистрирано вршење на дејност, неправилно и неуредно водење на службена евиденција./Makfax