Премиерот, Зоран Заев, во изјава за медиумите пред почетокот на вчерашната владина седница во Тетово, даде одговор на новинарски прашања поврзани со владините мерки против аерозагадувањето:
„Десет милиони евра најдовме пари. До два милиони евра определуваме во буџетите, директно за еколошки програми. Ги зајакнавме сите програми на екологијата. Парите не одат во споменици, музеи, одат во гасификација. Спомнавме, само 29 милиони за 76-те километри за овој северозападен дел од државата. Да не зборувам за сите филтри, интервенциите во училиштата. Апелираме до граѓаните, барем оние побогатите да ги сменат системите за греење. Никојпат, никој не носел вакви одлуки. ‘Југохром’ е затворен“, рече премиерот Заев посочувајќи дека Владата презема мерки чија цел е заштита на здравјето на сите граѓани подеднакво.
Тој посочи дека очекува успешна имплементација и на мерката за замена на старите грејни тела со инвертори и додаде дека очекува законските постапки да бидат запазени и кон крајот на ноември граѓаните ќе можат да аплицираат за да го остварат правото за инвертори, по точно посочени локации.
„Бројката е 10.000 граѓани, тоа не е малку, за Скопје, Тетово, Кичево и Битола. Многу е важно целата таа бројка да биде максимално искористена“, рече премиерот Заев кој најави и следната година продолжување на оваа мерка со многу поголеми средства.
Во однос на заштитата на одредени национални паркови и подрачја, премиерот оцени дека се стопирани и се преиспитуваат сите одлуки за кои постои сомнеж дека можат да наштетат.