Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Кнауф во Македонија – 25 години регионален лидер во производство на материјали и системи за градба

Ако во 1994 година почна со работа со само двајца вработени, денес, по 25 години, Кнауф Македонија е лидер во производство и продажба на материјали и системи за градба во Северна Македонија но и пошироко, на пазарите во Албанија, Косово Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Унгарија, Словачка и Бугарија. Северна Македонија е една од 80-те земји кои се дел од германскиот гигант за производство на гипсени градежни материјали Кнауф, која своите производи ги произведува во 250 фабрики и ги продава на 5 континенти. Минатата година компанијата оствари извоз од 21 милион евра што е всушност 76% од производството во фабриката во Дебар и тоа со пласман на производите во земји од Југоисточна Европа.

„Од 6 јуни 1994 г. кога почна Кнауф да се организира и да се екипира за работа во Македонија, па до денес, тимот на Кнауф помина илјадници километри и часови за да донесе еден нов светски тренд во градежништвото во Македонија. Гледајќи ја малата интересна статистика за сè она што сме го произвеле во текот на сите овие години, не можам а да не се чувствувам горд на сè што имаме постигнато, а во исто време да си потврдам дека со посветеност и љубов во работата и во Северна Македонија можат да се прават успешни приказни како оваа на Кнауф“, вели Тодор Деловски, генерален директор на компанијата.

Првaта голема пресвртница во историјата на Кнауф во Македонија беше аквизицијaта на фабриката за гипс во Дебар – Радика во 1997 г. Од тогаш компанијата има реализирано 44 милиони евра инвестиции. Со поставувањето на целите за иднината на работењето од страна на германските сопственици, се изврши модернизација на капацитетите, реорганизација и обука на постоечките вработени и се вработи кадар кој полека но сигурно Кнауф во Северна Македонија го направија мал регионален центар во овој дел од Европа. Денес Кнауф Македонија има 150 вработени во Дебар и во Скопје кои станаа расадници на квалитетни кадри кои со годините добиваа се поодговорни функции во рамките на глобалната Кнауф организација.

На почетокот препознатливи како „материјал за спуштени тавани“, денес Кнауф системите се квалитетно и проверено решение во сите сегменти на високоградбата. Заради добрите изолациони карактеристики, брзината и економичноста, тие претставуваат модерно комплетно градежно решение. Во портфолиото на компанијата може да најдат повеќе стотина разни градежни решенија, како што се препознатливите Кнауф преградни ѕидови и тавани, во разни варијанти во зависност од потребите на клиентот. Понуда одамна е проширена на речиси сите делови од градбата на објектите: Кнауф е веќе широко прифатен бренд и во фасадните ѕидови, подовите, топлинската, звучната и хидро-изолацијата, пасивната противпожарна заштита, акустиката, градежната хемија, лепаците за плочки, силиконите, итн.

„Ние создаваме вредности во градежништвото со помош на системите за сува градба и системите за малтери – за денес и за иднината. Нашите решенија го поедноставуваат планирањето и градбата и поттикнуваат задоволство на човекот. Континуирано се ангажираме за подобрување на нашите системи и воведуваме иновации на пазарот. Ние сме авангарда за производство и процеси, со цел да осигуруваме долгорочно постење на фабриката Кнауф“, истакнува Деловски.

Кнауф Македонија интензивно работи на едукација и информирање за најновите достигнувања во современото градежништво. Во таа насока е формирана и Кнауф Академијата која е веќе институција која несебично придонесува не само за развој во образовните институции (средно и високо образование) поврзани со градежништвото во Македонија, туку и на малите фирми и трговци – поединци преку разни обуки и советувања.

Од Кнауф најавуваат дека планираат и во иднина да инвестираат во развој на нови производи, кои со поддршка од истражувачкиот центар во централата во Германија, ќе бидат перјаница на новите модерни градежни материјали во Македонија.

Во тренд…