11.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Макрон: Сите во ЕУ беа за преговори со Северна Македонија, но не и со Албанија

Францускиот претседател Макрон во интервју за магазинот Економист вели дека е подготвен да се согласи да започнат преговори со Скопје, доколку во следните месеци се реформира процедурата, а земјата продолжи со реформите.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги обвинува останатите држави-членки на ЕУ дека се задскривале зад француското вето за почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија на самитот во Брисел, и дека во суштина, согласност за зелено светло имало само за Скопје. Тоа пак, според него, ќе било фатална грешка. Во интервју за британскиот магазин Економист водено на 21 октомври годинава, а објавено денеска, Макрон вели дека ќе попушти за преговори со двете земји, но само доколку во следните месеци се направат реформи на преговарачката процедура, а Скопје и Тирана довршат уште некои реформи. Но нема да попушти за натамошно проширување на ЕУ, пренесе Дојче веле.

На прашањето на новинарите, дали смета дека тие држави се задскривале зад Франција, францускиот претседател одговара потврдно.

„Не мислам, знам дека е така. Прашајте ги утре дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Таа не ги плаши луѓето. Но реалноста е дека доколку не отворите и со Албанија создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот.

Оттука, јас верувам дека, прво, мораме да ги реформираме процедурите за членство, тие повеќе не се адекватни. Тие не се стратешки. Не се ни политички, туку се премногу бирократски и не се реверзибилни, но во еден момент ќе мора да се постави прашањето за реверзибилноста. Второ, доколку сте загрижени за регионот, првото прашање не е Македонија или Албанија, туку Босна и Херцеговина. Временската бомба која отчукува на границата со Хрватска и која се соочува со џихадисти повратници е Босна и Херцеговина.

Трето, да се реформираат процедурите за пристапување пред да се отворат преговорите. Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие (земји, н.з.) направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен“, вели Макрон за Економист.

Спонзорирано: