Разликата во просечната заработка на мажите и жените во Европската Унија значи дека од 4 ноември до крајот на годината жените ширум Унијата ќе работат бесплатно, предупреди Европската комисија.
Таканаречениот Ден на рамноправност на платите служи за да се потенцира фактот дека жените и натаму заработуваат помалку од мажите на истите работни места.
Ширум Европската Унија жените заработуваат во просек за 16 проценти помалку од мажите, покажуваат најновите статистики.
Оваа бројка е за 0,2 процентни поени пониска од претходната година.
„Пред 60 години принципот на еднаквост во платите беше загарантиран во европските договори, а жените низ цела Европа сè уште не гледаат ускладеност во реалноста“, напишаа во соопштение претставниците Вера Јурова, Маријан Тајсен и Франс Тимерманс.
„Иако во изминатите пет години направивме некои чекори во вистинската насока, останува фактот дека мора да се направи повеќе и побрзо. Нашите граѓани очекуваат од нас да се потрудиме повеќе“, додаваат тие.
Новоименуваната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ќе биде првата жена што ја предводи владата на ЕУ, вети закон за транспарентност во платите во првите сто дена од нејзиниот мандат./Makfax