Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице што се товари дека извршило две кривични дела разбојништво.
Според информациите, обвинетиот на 5 август влегол во просториите на финансиското друштво „М кеш“ ДООЕЛ во трговскиот центар „Палома бјанка“ и со звучно-сигнален пиштол „екол“ ѝ се заканил на вработената. Потоа се упатил зад работното биро и од фиока го одзел дневниот промет од 21.400 денари, па го напуштил местото.
На 8 август на сличен начин влегол во просториите на финансиското друштво „Тиго фајнанс“ на улицата Ѓорче Петров, го извадил сигналниот пиштол, го репетирал и им се заканил на две вработени кои во моментот биле во објектот. Притоа одзел 242.600 денари со намера противправно да ги присвои.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот, со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство и можност тој да го повтори кривичното дело./Makfax