Скопското oсновно јавно обвинителство поднесе обвинение против 29-годишен скопјанец кој најпрво украл „Бе-ем-ве“, а потоа физички ги нападнал полицајците кои реагирале во врска со кражбта.
Како што информираат од обвинителството, разбојникот делата ги сторил на 21. јули, кога забележал две лица, оштетениот и неговата сопруга, како го паркираат нивното возило марка „Бе-ем-ве Х5“ наспроти трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, по што го напуштиле пракингот.
Во тој момент, обвинетиот со алат ја отклучил заклучената врата на возилото и заедно со уште едно, засега непознато, женско лице го стартувал возилото и започнал да се движи.
Кога крадецот со автомобилот се приближил до првата крстосница бил забележан од сопственикот на возилото. Оштетените започнале да трчаат по него, го престигнале и се обиделе да го сопрат арамијата. Но и покрај обидите и вклученото црвено светло на семафорот, тој продолжил да вози.
По ова оштетените го пријавиле настанот во полиција, па органите на редот започнале мереки за пронаоѓање на автомобилот.
Откако дознале дека обвинетиот заедно со украденото возило се наоѓа во населбата Маџари, двајца полицајци со службено возило „шкода јети“ и вклучени ротациски светла, се упатиле кон него.
Го пресретнале и се обиделе да му го попречат движењето, го сопреле возилото и се обиделе да го извадат обвинетиот надвор. Притоа разбојникот најпрвин со „бе-ем-ве“-то во движење удрил во полициското возило, за потоа и физички со боксирач со бодеж да ги нападне двајцата полицајци и да им нанесе повреди.
Во акцијата за совладување на разбојникот се приклучил уште еден полицаец, по што тој бил приведен со цел обезбедување на натамошниот тек на кривичната постапка.
Скопјанецот се товари дека сторил две кривични дела – Тешка кражба и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
Надлежен јавен обвинител до судот поднел посебен предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот./Makfax