23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Семејство во Холандија живеело 9 години во подрум чекајќи го крајот на светот

Во подрумот на куќа во Руинерволд, Холандија, е пронајдено семејство кое таму живеело изминативе девет години чекајќи го крајот на светот. 58-годишниот сопственик на фармата заврши во привремен притвор затоа што не сакал да соработува со истражителите, соопшти полицијата во градот Дрент на истокот на земјата.

Според холандските медиуми, тој заедно со своите шест деца, на возраст од 16 до 25 години, живееле во изолација во подрумот на фармата во Руинерволд, каде го чекале крајот на светот.
Тие 9 години поминале во подрумот во куќа на фарма окружена со дрва, а целата приказна била разоткриена кога најстариот син се појавил во локален паб и нарачал пиво. На локалните жители им кажал дека му е потребна помош, па била повикана полицијата. Момчето изгледало збунето, а рекол дека со семејството живее во изолација до крајот на светот.

,,Испи пет пива, а потоа ми се довери дека побегнал и дека му треба помош. Имаше долга коса, валкана брада, носеше стара облека. Рече дека никогаш не одел во училиште и дека никогаш не се избричил”, изјавил сопственикот на пабот, Крис Вестербик.

Семејството девет години немало никаков контакт со надворешниот свет. Преживувале со помош на зеленчук кој сами го одгледувале. Во текот на пребарувањето на куќата, полицијата во ормарот во дневната соба открила скали кои воделе до подрумот, по што е откриена долго чувана тајна. Полицијата открила шест лица на фармата,кои сега се згрижени. Не е познато во каква здравствена состојба или во какви услови живееле. Не е познато каде е мајката на децата.

Жителите на градот се изненадени од случајот. Велат дека виделе само човек на имотот и не знаеле дека тој има семејство. Во Руинерволд живеат околу 3.000 луѓе, а куќата на семејството била прилично изолирана.Фармата е скриена зад дрвјата и оддалечена околу 200 метри од крајот на градот.Имало голема градина со зеленчук и кози што јаделе низ имотот.

Истрагата би требало да ги утврди сите околности на овој необичен случај./Makfax