Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Македонските издавачи на Саемот на книгата во Франкфурт

Современата македонска литература, претставувана од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), ќе биде дел од 71. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, што ќе се одржи од 16 до 20 октомври 2019 година.

На најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија, што се одржува под мотото „Идеи што го придвижуваат светот“, нашиот промотивен штанд ќе биде сместен во петтата хала за меѓународни учесници. На 32 квадратни метри ќе бидат претставени 400 наслови од стотина македонски автори, објавени од 20-тина наши издавачки куќи. Посетителите ќе може да ја погледнат богатата понуда на книги за деца, стручна литература, едукативни изданија и белетристика на македонски, албански, англиски и на германски јазик.

Претставувањето на македонската делегација на најпрестижниот светски книжевен настан годинава е во знакот на промоција на нашата современа книжевност, бизнис-средби и соработки со странските партнери и промоција на нашата земја како современа културна и книжевна средина.

Првиот саемски ден ќе биде посветен на македонската литература за деца и за млади, со фокус на книгата за деца „Девојче и мече“ од Ване Костуранов (издание на „Арс Ламина – публикации“), која влезе во престижната листа The White Ravens 2019.

В четврток (17 октомври) ќе се одржи т.н. „македонскиот ден“, кога штандот ќе го посети министерот за култура д-р Хусни Исмаили. Министерот, заедно со македонската делегација и претставници на МАИ, ќе оствари средба со заменик-претседателот на саемот и директор за меѓународна соработка Тобијас Вос, на која ќе се разговара за идните планови и соработка.

Истиот ден специјален гостин на штандот ќе биде и луксембуршкиот автор Жан Бак, добитник на Европската награда за литература во 2010 година, чијашто книга „Аматер“ на македонски јазик е објавена во едицијата „Прошетка низ Европа“ од „Арс Ламина – публикации“.
Закажани се и повеќе промоции во текот на саемските денови, како и бизнис-средби со меѓународни издавачки куќи, литературни агенти, автори и релевантни здруженија, со цел претставување на македонската книжевна продукција, унапредување на соработката и вмрежување.

Саемот на книгата во Франкфурт се смета за најголем и најпосетен настан од овој тип во светот. Тој е вистинското место за средба на експертите од оваа бранша, најголем пазар за книги, преговори за права и лиценци каде што се разменуваат искуства, се склучуваат договори, место каде што секоја година, без разлика дали се работи за издавачи, автори, книжари, агенти, сите тие се заедно во Франкфурт во октомври и ги креираат новите трендови. Годинава, земја-почесен гостин е Норвешка.

Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со повеќе од 7.500 излагачи од 110 земји, околу 285.020 посетители и 139.460 трговски посетители. Има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери./Makfax