24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕХНОЛОГИЈА

ФСБ: Водечките ИТ-фирми не соработуваат со специјалните служби, а терористите го користат тоа

Директорот на руската Федерална служба за безбедност, Александар Бортњиков, вели дека несоработката на водечките светски ИТ-компании со специјалните служби во борбата против тероризмот во сајбер-просторот претставува голем проблем што им оди во прилог на терористите.

Како што појасни Бортњиков, основниот инструмент за комуникација и понатаму се интернет-месинџерите, кои се шифрирани, што претставува проблем за специјалните служби.

„Способноста на хакерите што работат за терористите да ги маскираат своите сајбер-напади и да ги претстават како напади од одредена земја може да доведе до реални политички и воени конфликти“, предупреди тој.

Бортњиков укажа и на тоа дека е во пораст заканата од користење на новите безжични технологии, кои не зависат од мобилните оператори или од конекцијата на интернет, при изведувањето на терористичките напади.

Меѓу другото, тој ја спомена вештачката интелигенција, која им е широко достапна на сите, па и на терористите, кои би можеле да ја искористат при изведувањето напади.

Кога станува збор за Русија, Бортњиков вели дека безбедносните служби блокирале околу 8.000 интернет-страници чија содржина била составена од терористичка пропаганда. Покрај тоа, ФСБ спречила 39 терористички напади само во 2019 година на територијата на Руската Федерација, а 32 терористи биле ликвидирани./Makfax