25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

(Видео) Започна изградбата на спортско – адреналински парк во Карпош

Денеска започнаа активностите за изведба на спортско – адреналинскиот парк долж Кејот на реката Вардар, со почетна точка кај алпинистичката карпа, во Општина Карпош. Станува збор за нова, уредена зелена површина, спортско – рекреативна зона која ќе се простира на површина од 10.000 м2.

Општина Карпош за овој парк, преку Секторот за развој, аплицираше со проект во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), при што добиен е грант во висина од 38.100.000 денари. Оваа финансиска поддршка ја обезбеди Европската Унија и Владата. Учеството на локалната самоуправа изнесува околу 5 милиони денари.

Во денешната изјава за медиуми, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се осврна на содржините кои ќе ги содржи паркот, како и за трајната придобивка што ќе се добие со неговата реализација.

,,Во рамки на паркот ќе има ново, уредено зеленило на површина од 4.000 м2, 120 нови дрвја, како и: детско игралиште, фудбалско игралиште на песок со трибини, одбојкарско игралиште на песок со трибини, скејт парк, адреналински содржини, а оваа целина ќе биде заокружена со сквер што ќе се простира на површина од 140 м2.Оваа зелена, спортско – рекреативна зона ќе се надоврзува на големиот парк, до бунарите на реката Лепенец.

Имено, по завршувањето на спортско – адреналинскиот парк, се фокусираме на уредување на јавниот простор до бунарите на реката Лепенец. Како трајна придобивка е целосното разубавување на овој потег, конечното решавање на деценискиот проблем со создавање на диви депонии и палење огнови на отворено“, рече Богоев.

Тој напомена дека овој парк е едно од главните ветувања во неговата изборна програма, и истиот се очекува да биде завршен до крајот на месец јуни, 2020 година. По долги години се создаваат нови „бели дробови“ на Карпош и на нашето Скопје. Во изминатите години, Карпош се соочи со сериозно узурпирање на јавните површини, но локалната самоуправа спроведува континуирани мерки за надоместување на изгубеното зеленило и хуманизација на јавниот простор./Makfax