Скопје, 9 октомври: Седмото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе се одржи од 12 до 17 октомври на повеќе локации во Скопје. Шестдневната програма ќе содржи богата филмска понуда, креативни работилници, мастер-класови и низа други креативни и едукативни активности кои ќе вклучат околу 650 деца и млади од 10 земји, на возраст од 11 до 19 години.
Главната тема на која ќе се фокусираат е заштитата на човековата средина, со посебен акцент на воздухот. Не помалку важни теми во повеќето филмови и активности ќе бидат и безбедноста на интернет и борбата против врсничкото насилство. И годинава во главната програма имаме внимателно селектирани филмови, а учесниците, поделени по возрасни групи, во улога на жири ќе ги одберат најдобрите филмови за младата публика. Освен децата од нашата земја, во жирито ќе учествуваат и 50-ина деца од странство, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња.
Фестивалот ќе биде отворен на 12 октомври (сабота) во 19 часот во киното „Милениум“ во Скопје со италијанскиот филм „Несовршена доба“ (L’età imperfetta) на режисерот Улисе Лендаро.
„Џифони Македонија“ е дел од големото семејство на „Џифони експериенс“ од Италија, најголемиот и најважниот културен настан во светски рамки посветен на филмот и наменет за децата и младите, кој в година ќе одбележи 50 години од своето постоење. Иако јубилејот официјално се одбележува в година, активностите по повод полувековното постоење на оваа важна манифестација веќе се во тек. Токму „Џифони Македонија 2019“ ќе биде првиот меѓународен настан во рамките на јубилејот.
Оваа година во рамките на „Џифони Македонија“ имаме чест да бидеме домаќини на патувачката училница Una vita da social – „Живот на социјалните мрежи“, која веќе седум години реализира едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители низ Италија. Училницата е дел од европскиот проект „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет-центар, координиран од италијанското Министерство за образование и наука, а во изведба на експерти од Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи. Особена чест за нашата земја претставува фактот што токму на „Џифони Македонија“ ќе се реализира првата меѓународна активност на оваа патувачка училница надвор од Италија.
Во натпреварувачката програма ќе бидат 15 играни филма распределени во три возрасни групи: јуниори (10-14 год.), кадети (14-16) и сениори (16-19), а секој од филмовите ќе биде проследен со дискусија на темите на филмовите што ги засегаат младите.
Покрај тоа, ќе бидат прикажани повеќе кратки филмови со посебен фокус на италијанските. По проекцијата на краткиот филм „Јас не сум Игор“ во режија на Сергеј Георгиев, кој говори за предрасудите, дискриминацијата и идентитетот, учесниците ќе разговараат со режисерот и со младиот актер Стефан Спасов, кој ја игра главната улога.
Краткиот филм создаден од средношколци со наслов „Светлина“, во режиjа на Мартин Чичовски, ќе биде прикажан претпремиерно и ќе биде проследен со разговор со авторите.
Претпремиерно за учесниците на „Џифони Македонија“ ќе биде прикажана и првата епизода од втората сезона на серијата „Фамилија Марковски“, во режија на Даријан Пејовски, по што младите учесници ќе се сретнат со дел од екипата на оваа серија.
Покрај филмската програма, голем дел од програмата на фестивалот има едукативен карактер. Преку мастер-класови, предавања и работилници младите ќе осознаат нови информации и вештини, ќе се спознаваат и ќе ја развиваат својата креативност.
Мастер-клас ќе одржи директорот и основач на Филмскиот фестивал „Џифони Експириенс“, г. Клаудио Губитози. Во предавањето со наслов „50 години од Џифони: приказна за еден успех и за човекот кој го осмисли“, тој ќе им го пренесе на младите своето искуство од овие 50 години и ќе им ја раскаже приказната за тоа како една идеја што се роди во едно мало гратче на југот на Италија кога тој имаше само 18 години успеа да прерасне во најголемиот фестивал за деца и млади во светот.
Ќе следуваат серија мастер-класови и предавања посветени на животната средина, во организација на активистите и движењата активни во земјата, како „О2 Иницијатива“, „Еко свест“ и „Fridays For Future“ – Скопје. Здружението за проектен менаџмент „ПМИ Македонија“ ќе одржи интерактивна средба на тема проект-менаџментот во секојдневниот живот, а Светските обединети колеџи – СОК Македонија (United World Colleges – UWC Macedonia) ќе ги запознаат младите со своите активности и со можностите за добивање стипендии за школување во странство.
Кај јуниорите, најмладите учесници од 10 до 14 години, ќе се поттикнува креативноста преку три работилници. За нив, во соработка со „Балкан синема ситис“, ќе има и еднодневна работилница наречена „Готвиме филм“, на која покрај филмската проекција најмладите ќе готват заедно со Давор Панчевски (Dave’s Kitchen). Дел од најмалите учесници на фестивалот ќе ги презентираат резултатите од филмската работилница реализирана минатата учебна година во соработка со Општина Центар.
Кај кадетите (14-16 год.) и сениорите (16-19 год.) ќе се одвиваат шест работилници посветени на филмот, фотографија, филмска шминка, анимација, за мотивирачки вештини и други.
Во забавниот дел, групата „Дупер“ ќе го промовира спотот за најновата песна и ќе се сретне со младите, а ќе има и заедничка забава со диџејот Џани Мирабело од Италија, кој пред пет години како ученик учествуваше на фестивалот „Џифони Македонија“.
Исто така, на меѓународната вечер сите 10 земји-учеснички ќе се презентираат со свои штандови со промотивни материјали и специјалитети, а младите учесници ќе се претстават пред своите врсници.
На свеченото затворање на фестивалот, на 17 октомври во 19 часот, во киното „Милениум“ ќе биде презентирано сето она што џифонците ќе го создадат на сите работилници.