Во седиштето на ОН во Женева македонска делегација предводена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а во чиј состав е и заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, имаа билатерална средба со високиот комесар за бегалци на ОН (УНХЦР), Филипо Гранди.
На средбата особено позитивно беше оценета досегашната соработка на УНХЦР и Република Северна Македонија и во таа насока се разговараше за тековните програми на Канцеларијата на УНХЦР во земјата и во светот, како и потребата за продлабочување на солидарноста на државите во решавањето на прашањата поврзани со бегалците.
За време на разговорите беа отворени и темите за тековната ситуација со мигрантите, предизвиците поттикнати од бројните конфликти кои резултираат во раселувања од огромни размери и присилното движење на население и пролонгираната хуманитарна криза која е во тек.
Министерот Спасовски на состанокот го информираше комесарот Гранди за ратификацијата на Конвенцијата на Организацијата на обединетите нации (ООН) од 1961 година за намалување на бездржавјанството и пристапување на Република Северна Македонија кон овој меѓународен инструмент.
„Ова прашање е висок приоритет на Владата на Република Северна Македонија како дел од Акцискиот план за имплементација на Целите за одржлив развој и исполнувањето на фундаменталното начело – не оставај никого зад себе, исто како што е високо на агендата на УНХЦР и на актуелниот генерален секретар на ООН”, истакна министерот Спасовски.
Тој потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија и понатаму ќе продолжи посветено своите политики да ги креира и спроведува, почитувајќи ги основните права и слободи на човекот и граѓанинот.
Заменик-мнистерот Жерновски го искажа ставот дека како земја сериозно го следиме овој сегмент, ја потенцираше важноста на меѓународната соработка, како и максимизирањето на напорите и ресурсите во одговорот на ситуацијата на бегалците која го зафати светот.
„Способноста на државата да се справува со овие тешки прашања е она што ја прави Република Северна Македонија сериозен меѓународен партнер,. Кон ваквите политики се стремиме, тоа се базичните вредности на Европа, но и на светот”, нагласи заменик-министерот Жерновски.
Високиот комесар за бегалци на ОН (УНХЦР), Филипо Гранди, ја поздрави ратификацијата на Конвенцијата на Организацијата на обединетите нации (ООН) од 1961 година за намалување на бездржавјанството потенцирајќи дека можеби ова е мал чекор за Република Северна Македонија, но голем за Обединетите нации. Комесарот Гранди ги поздрави храброста и одлучноста со кои Северна Македонија го реши отвореното прашање за името со Република Грција и посочи дека Северна Македонија е позитивен пример за регионот и пошироко.
Комесарот Гранди истакна дека особено се ценат напорите што нашата држава ги вложува во поглед на бегалците, а го претстави и Глобалниот компакт за бегалци и го најави Глобалниот форум за бегалци, кој ќе се одржи во декември 2019 година во Женева. Притоа, ја покани државата да даде свој придонес во областите на социјална инклузија на бегалците и искоренување на бездржавјанството. Исто така, тој ја истакна подготвеноста на ОН да ѝ дадат помош и поддршка во процесот на усогласување на законодавството и преговорите за сегментите од поглавјата кои ги опфаќаат прашањата на азил и миграција.
На средбата беше заклучено дека соработката меѓу Северна Македонија и УНХЦР ќе продолжи со цел да се најдат најсоодветни решенија за институционално правната рамка за евидентирање на сите лица, на кои треба да им се обезбеди основната лична документација за да се стекнат со правен статус, кој потоа ќе им ги обезбеди сите права што ги имаат и сите други граѓани на нашата земја./Makfax