На 25 септември годинава над островот Чилое во Чиле беше фотографиран објект што изгледа како огнена топка.
На социјалните мрежи најпрво се шпекулираше дека станува збор за пад на метеор, па дури имаше и слободни интерпретации дека се работи за вселенска огнена топка, односно многу сјаен метеор, кој предизвикал неколку локални пожари, пишува „Вајс“.
Чилеанската влада наскоро направи анализа на околното подрачје погодено од пожарот, но не најде никакви траги од метеорити, односно остатоци од метеор што завршиле на Земјата.
Геолозите од чилеанската Национална служба за геологија и рударство во саботата издадоа соопштение во кое се наведува дека метеорити не се причина за пожарот.
Се разбира, постои можност огнената топка што неодамна прелета над Чиле да била метеор чија појава само се совпадна со почетокот на локалните пожари. Астрофизичарот Џонатан Мек Дауел од универзитетот Харвард ден по појавата на огнената топка на небото, на „Твитер“ напиша дека веројатно се работи за метеорит.
Se reporta caída de meteorito en mocopulli chiloe pic.twitter.com/7w3KGEgnln
— marcelo macaya (@mmacaya) September 25, 2019
Но доколку снимената огнената топка не била метеор со сигурност, без оглед дали го предизвикала пожарот или не, што друго би можело да биде? Ако помисливте дека станува збор за НЛО, можеби сте во право, но поверојатно е дека е фотографиран друг феномен, односно нашиот вселенски отпад.
Имено, освен тоа што на Земјата секоја година паѓаат илјадници метеорити, на неа завршуваат и стотици парчиња вселенски отпад. За среќа, тие главно паѓаат во океаните или на ненаселени копнени подрачја.
Во орбитата на нашата планета има милиони помали објекти, а неколку илјади се поголеми од 10 сантиметри. Врз основа на овие податоци, ваквата огнена топка би можела да биде дел од некое вселенско летало, згаснат сателит, воен авион или други остатоци произведени од луѓето.