Секогаш во средиштето на збиднувањата...

„Епл“ планира да претстави ајфон поевтин од 28.000 денари

Никеј ејжн рипорт неодамна објави дека „Епл“ следната година планира да лансира телефон чија цена не би надминувала 500 долари, а кој практично би го наследил ајфон СЕ од 2016 година.

Во петокот еден од најпознатите аналитичари на „Епл“, Минг Чи-Куо, навести дека на почетокот од следната година компанијата ќе лансира компактен и евтин телефон со унапредени перформанси.

Во своето предвидување, Куо наведува дека новиот телефон ќе го има најновиот A13 бионик чип и 3 гигабајти РАМ меморија.

Инаку, уште пред две години на интернет се појавија голем број неофицијални слики од телефонот ајфон СЕ 2, но „Епл“ никогаш официјално не го претстави. Тие слики укажуваа на телефон со сличен изглед како ајфон 8 кој беше претставен истата година, па се верува дека токму тој модел би можел да послужи како основа за СЕ 2.

Куо забележува дека лансирањето на телефон како ајфон СЕ 2 би имало смисла, со оглед на тоа дека повеќе од 100 милиони корисници сè уште користат ајфон 6, за кој не е предвидено ажурирање со новиот iOS 13. За овие корисници, ајфон СЕ 2 би бил идеален телефон за надградба.

Постои уште една причина зошто Куо верува дека наскоро ќе биде претставен СЕ 2 – продажбата на ајфон е во значителен пад во последните неколку квартали. Продажбата и популарноста на новиот ајфон 11 може да го забави ваквиот тренд, но претставување на поевтин телефон сигурно би претставувало дополнителен ветер во грб за „Епл“.