24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Избрани четворица нови проректори на Универзитетот „Св.Климент Охридски“

Ректорската управа на Универзитетот „Св.Клименти Охридски“ на предлог на ректорот, Сашо Коруновски, а врз основа на новиот закон за високо образование на тајно гласање едногласно донесе одлука за избор на четворица нови проректори на Универзитетот.

За нов проректор на Универзитетот „Св.Клименти Охридски“ е избран професорот, Марјан Ѓуровски, досегашен Продекан на Факултетот за безбедност во Скопје, Претседател на Македонското политолошко друштво и доктор на безбедносни науки кој ќе раководи со ресорот за студенти и академска мобилност.

„Студентите се во центарот на образовниот процес во кој им се овозможува и од нив се очекува, одговорен пристап и активно учество, како при стекнувањето на знаења и вештини, така и при создавањето нови знаења. Студентот има право на квалитетно образование, но и обврска за активно учество во него, исполнувајќи ги своите должности во согласност со академските вредности“ изјави Ѓуровски.

Нов проректор за наука ќе биде Игор Неделковски досегашен декан на Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола, нов проректор за финансии е професорката Гордана Трајкоска од Економскиот факултет во Прилеп, а за проректор за настава е назначен Љупче Кочоски досегашен декан на Факултетот за биотехнички науки од Битола.

Со тоа е комплетиран тимот на новиот универзитетски ректорски менаџмент кој има мандат од три години.

Основна задача на новите проректори предводени од ректорот Коруновски е реализација на квалитетен и сеопфатен наставно-образовен процес преку којшто се едуцираат младите кадри во квалификувани и компетентни стручњаци.