Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Градежништвото ја движи домашната економија, порача министерот Сугарески пред домашните и меѓународните градежни конструктори

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денес се обрати на отворањето на 18-от Меѓународен симпозиум во организација на Друштвото на градежни конструктори на Македонија, кој се одржува во Охрид.

Министерот Сугарески, во своето обраќање истакна дека ваквите собири се од огромно значење за развојот на градежништвото во нашата држава, бидејќи нудат можност за размена на меѓународни искуства и нудат нови современи методи и научни достигнувања за унапредување на градежната дејност.

„Градежната дејност има непроценливо значење за развојот на нашата земја. Од професионален аспект, тоа е поле за натпревар на идеи и проекти. Од економски апсект, градежништвото учествува со преку 30 проценти во Бруто домашниот производ, вработува над 40 илјади работници, а поддржува уште 36 други стопански гранки. Затоа е многу важно да создаваме услови на континуитет на градежната експанзија во земјата и притоа да понудиме нови знаења, норми и методи кои ќе ги прилагодиме на домашната легислатива“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во своето обраќање.

Министерот Сугарески додаде дека во време кога се неопходни реформи со цел да се воведе високо ниво на професионалност и стандардизација на прописите и нормите, придонесот на стручните и академските лица преку давање на препораки и насоки е од особено значење за креирањето на политиките.

„Нашата цел е да ја прилагодиме легислативата кон новите научни предизвици, да изработиме Закони и подзаконски акти што ќе бидат поедноставни и поефикасни за спроведување, а кои ќе обезбедат просторен развој и нови инвестиции. Политиката што ја води оваа Влада во делот на градежното земјиште и урбанизмот е во насока на креирање нови законски решенија со кои сметаме дека ќе се олеснат процедурите за работа на сите субјекти. Ние остануваме целосно транспарентни во креирањето на законите и оставаме простор сите заинтересирани страни да достават предлози за да креираме функционална легислатива. Затоа, очекуваме, како стручна јавност, да ни испраќате свои предлози и видувања од стручен аспект, за сите заеднички да создадеме нови законски решенија што ќе ја унапредат градежната дејност“ – се обрати министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот Сугарески истакна дека во завршна фаза е носење на Законот за урбанистичко планирање, а со сите релевантни институции и здруженија се подготвува нов Закон за градење.