Утре, 28 септември, со почеток во 19:30 часот во Струмица ќе се одржи деветтото издание на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“, а Струмица повторно ќе биде домаќин на сите поети кои изразија интерес преку отворените повици да бидат дел од мисијата на самата манифестација и ова глобално движење.
Годинава здружението „Контекст – Струмица“ е домаќин на девет интернационални поети: Томаш Јонаш (Украина), Марко Видал (Шпанија), Том Филипс (Велика Британија), Петер Андреј и Мојца Андреј (Словенија) Сотуриос Пастакас и Ефтимиос Ленѕас (Грција), Иван Христов и Петар Чухов (Бугарија). Од Македонија исто така се најавени дваесетина поети гости, меѓу кои: Исток Улчар, Рина Јанкуловска, Андреј Ал-Асади, Диме Данов, Марина Икономова Шокева, Ненад Јолдески, Сузана Мицева, Љупка Антеска, Марко Салџиевски, Цветанка Колева, Игор Трпчески, Даниела Андоновска-Трајковска, Милчо Мисоски и др.
Настанот ќе го модерира и води Митко Гогов, стихови од поетите гости на македонски јазик ќе интерпретира Мариета Дукиќ, а освен поетските читања предвидена е изложба на плакати, промоција на зборникот со дел од застапените автори, музички перформанс на Брука Бенд, како и воншколска активност со учениците од ОУ „Маршал Тито“, со иницијативата „Прочитај песна на дете“ (Read A Poem To A Child).
Настанот е дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“ – меѓународна манифестација која годинава се оддржува во повеќе од 60 држави во светот, со повеќе од 600 закажани настани, а нашата држава и Струмица се дел од самото движење уште од самиот почеток.