24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Ангеловска-Коен: Рамката за соработка со Светска банка се одвива со одлична динамика

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, и извршниот директор на ХоландскатакКонституенца на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, Кун Давидсе, ја остварија првата официјална средба во Њујорк. Во рамки на средбата беше зборувано за Рамката за соработка со Светска банка 2019-2023 година, за која беше истакнато дека се одвива со одлична динамика.

Според министерката за финансии, Нина Ангеловска, со реализацијата на проектите предвидени од четиригодишната Рамка за соработка со Банката во вредност од 420 милиони долари, ќе се инвестира во подобрување на конкурентноста на приватниот сектор преку инвестиции во инфраструктурата, развој на човечкиот потенцијал и поголема инклузија, како и за зајакнување на менаџирањето со јавните финансии и поголема одржливост на енергетските извори.

„За нас партнерството со Светска банка и поддршката што ни ја дава во развојот на нашата земја и нашиот пат кон ЕУ и НАТО е од големо значење. Само со јасна стратегија и цел можеме на граѓаните да им понудиме подобри услови за живот, а Рамката за соработка е одлична основа за тоа“, рече министерката Ангеловска.

Извршниот директор на ХоландскатакКонституенца, Кун Давидсе, рече дека земјата ја има неговата поддршка за што побрза имплементација на Рамката за соработка, како и дека верува во нашите капацитети за спроведување на истата.

Давидсе ја искористи шансата да ѝ ја честита новостекнатата титула на министерката Ангеловска – „жена амбасадор на дигитална трговија“ на УНКТАД, која таа ја доби во рамки на Годишното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Воедно истакна дека го охрабрува фактот што во Република Северна Македонија сè повеќе се гледа напор да се искористи потенцијалот на жените и дека ваквите заложби треба да продолжат бидејќи активната улога на жените на лидерски позиции е важна за раст на економиите.

Инаку, министерката за финансии како дел од нејзините заложби за промоција на половата еднаквост, во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон ќе биде говорник на панел од високо ниво на тема „Иновативни пристапи за промоција на половата еднаквост во контекст на економските можности во Европа и Централна Азија“.

Исто така, Давидсе посочи дека Република Северна Македонија се движи во вистинска насока гледајќи го економскиот раст, намалувањето на невработеностa и останатите економски параметри кои укажуваат на стабилна клима за инвестирање.

На состанокот беа дискутирани и активностите кои треба да се реализираат во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка кои ќе се одржат во Вашингтон во октомври.

На средбата се дикутираше и за важноста на технологијата во сите процеси за прогресот на земјите. Од проектите кои треба да се реализираат од Рамката за соработка на средбата се спомна проектот „Дигитална Македонија“, кој е во подготовка и ќе овозможи пристап до висококвалитетни широкопојасни услуги.

Инаку, првите проекти кои ќе се спроведат од Рамката за соработка се Проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта, Проектот за унапредување на земјоделството и Проектот за модернизација на пензискиот сектор. Проектот за локални патишта ќе овозможи подобрување на локалната инфраструктура преку изградба и рехабилитација на патиштата во општините во земјата. Со проектот за унапредување на земјоделството ќе се имплементираат повеќе компоненти, меѓу кои: промовирање на конкурентноста на земјоделскиот сектор преку земјоделски откупни центри, зајакнување на институционалниот капацитет и зајакнување на капацитетите за искористување на ИПАРД. Проектот за модернизација на пензискиот систем, пак, ќе го зајакне капацитетот на пензиската администрација и модернизација на технолошките решенија кои таа ги користи. Проектите ќе започнат со реализација на почетокот на следната година.