7. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Арсовски: Изборот на кандидати за судии и обвинители е под контрола на Заев и Рашковски

Актуелниот конкурс за избор на кандидати за судии и обвинители во Академијата за судии и јавни обвинители е под директна контрола на премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, обвини портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој вели дека Заев и Рашковски имаат за цел да изберат 60 судии и јавни обвинители, кои претходно самите си ги одбрале во канцеларии.

„Со доаѓањето на власт на Владата на СДСМ, електронското полагање на испити е префрлено во просториите на Правниот факултет во Скопје, каде што во овој момент полагаат потенцијалните кандидати за судии и јавни обвинители. Истиот тој факултет е поранешното работно место на генералниот секретар на владата. Фирмата што го спроведува ова полагање е поврзана со двоецот од владата Заев – Рашковски. Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ, двоецот Заев – Рашковски преку системитизирана методологија влијае врз електронските резултати на кандидатите, а во текот на вчерашниот ден неколку лица директно поврзани со Заев, Рашковски и СДСМ оствариле нетипично високи резултати. Толку високи резултати досега не се постигнати откако постои Академијата“, рече Арсовски.

Тој го прозва Рашковски да одговори дали бил и што правел на Правниот факултет, во текот на неговото работно време во Владата, токму во моментот кога полагале кандидатите блиски до него и СДСМ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговори и од министерката за правда, Рената Дескоска, дали е свесна што се случува во нејзиниот ресор.

Арсовски го повика јавното обвинителство, по допрен глас да изврши електронска форензика и да испита како се постигнати историски високи резултати на тестовите од лицата кои биле директно поврзани со Заев, Рашковски и СДСМ.