Демократската партија на Турците реагира зошто на вчерашниот Совет за безбедност немало претставник на турската етничка заедница.
„Претседателот Стево Пендаровски, кој за време на неговата изборна кампања во секој наврат ја потенцира важноста на концептот на мултикултурализмот како основен постулат на државата, при изборот на најблиските соработници во неговиот кабинет, а исто така и при најновиот избор за членови на Советот за безбедност, како предлози од негова страна, за жал, не најде место за ниеден претставник од Турската етничка заедница, која е трета по бројност заедница во нашата држава“, велат од ТДП.
Тоа покажува дека, велат од таму, турската заедница и покрај безрезервната поддршка што му ја даде на претседателот при неговиот избор, е запоставена, односно отфрлена од страна на највисоката институција на државата.
„Поради овој факт, ние како Демократска партија на Турците во Република Северна Македонија длабоко сме разочарани, а воедно и крајно вознемирени од овој за нас дискриминирачки пристап од страна на претседателот на државата. За нас, несфатлив е фактот дека е изоставена досегашната пракса во Советот за безбедност да биде претставена нашата етничка заедница бидејќи во сите досегашни состави на Советот имало член од Турската етничка заедница“, се вели во соопштението.
Од партијата потенцираат дека, како што велат, ваквиот индиферентен пристап кон помалобројните етнички заедници е исто така спротивно со Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, која е една од стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија.